• сабота, 23 ноември 2024

Почнаа сеизмичките истражувања за наоѓалишта на природен гас во Грција

Почнаа сеизмичките истражувања за наоѓалишта на природен гас во Грција
Атина, 10 ноември 2022 (МИА) – Бродот за сеизмички истражувања за наоѓалиштата на природен гас југозападно од Пелопонез и Крит, тргна. Ги поставува каблите со подводните слушалки, од кои добива информации за брановите за да може да ги одреди геолошките структури, откри министерот за животна средина и енергетика на Грција Костас Скрекас во интервјуто за грчката телевизија ЕРТ, јави дописничката на МИА од Атина. За бродот Nanco Swift на американската компанија „ExxonMobil“, во вторникот беше издадена навигациска информација (Навтекс), а Скрекас рече дека постои сериозна веројатност да бидат откриени искористливи количини на природен гас. -Ова, би рекол дека е меѓу последните надежи што ги има светската рударска индустрија за фосилни горива за откривање наоѓалиште и сериозни резерви на природен гас во Југоисточна Европа, истакна Скрекас, но и посочи дека сè додека не се завршат дупчењата и „не видиме што навистина има таму, сè друго е само проценки“. Во однос на планираниот временски  рок, објасни дека сеизмичките истражувања ќе траат две години и врз основа на резултатите, целта е во 2025 година да почнат и првите пробни дупчења, а по две години односно во 2027-2028 година да се реализира првото продуктивно дупчење и производство на природен гас. Сеизмичките истражувања за наоѓалиштата на природен гас ги најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во понеделникот, а Националната компанија за управување со јаглеводороди и енергетски ресурси (ЕДЕИЕП), соопшти дека во северниот дел на Јонското море планирани се 3Д геофизички истражувања, а западно и југозападно од Крит 2Д геофизички истражувања. ср/сд/

Остани поврзан