• понеделник, 23 декември 2024

Почнаа археолошки истражувања на плоштадот „Крушевска Република“

Почнаа археолошки истражувања на плоштадот „Крушевска Република“
Охрид, 3 март 2022 (МИА) – На плоштадот „Крушевска Република“ денеска почнаа археолошки истражувања, како дел од активностите за целосна негова реконструкција, согласно проектот на Општина Охрид. Активностите, како што информира директорот на националната установа „Завод и музеј“ – Охрид, Митко Туткоски, се заштитни, да се утврди дали има остатоци, кои треба да се зачуваат. - Причината за археолошките истражувања е отпочнувањето на реализацијата на проектот за целосна реконструкција на плоштадот „Крушевска Република“. Општината има проект кој е одобрен и согласно законот ние мора да извршиме претходно археолошки истражувања на просторот, да се увиди дали има некакви остатоци, кои треба да се зачуваат долу, појасни Туткоски. Просторот, нагласи, во минатото не бил многу истражуван, а од малкуте истражувања биле пронајдени ситни артефакти. - Тој простор многу долго е плоштад и не биле вршени многу истражувања во минатото. Имало во 60-тите, 70-тите години од минатиот век неколку сонди, но тие се генерално околу Плоштадот на граничните појаси. На некои места се откриени ситни артефакти, некаде ништо, изјави Туткоски. Временската рамка на истражувањето, според него, зависи од концентрацијата на археолошки остатоци. - Во зависност од состојбата од она што ќе го откриеме, ќе се утврди динамиката и ќе знаеме колку време ќе траат ископувањата. Доколку нема концентрација на некакви археолошки остатоци ќе завршиме многу бргу, но доколку има во зависност од тоа дали станува збор за архитектура, некрополи, гробови..., процесот ќе потрае, додаде Туткоски. Археолошките истражувања ги врши тим професионалници од Музејот, археолози, документатор,.... Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков неодамна најави дека проектот за реконструкција на плоштадот „Крушевска Република“ е во финална фаза. Според проектот, Плоштадот ќе добие нов и модерен изглед, со нови канделабри, осветлување со лед светилки, клупи, канти за отпадоци и друга урбана опрема, како и изградба на нова фонтана. сс/цр

Остани поврзан