Почина Јутјуб-водителот и авантурст Динго
- На крајот на септември, беше каснат од зелена мамба - една од најотровните змии во светот. Неговата сопруга Кирсти ја објави веста на неговиот Инстаграм-профил.
Лос Анџелес, 31 октомври 2024 (МИА) - Јутјуберот-авантурст oд Јужна Африка, Грејм „Динго“ Динкелман почина на 44-годишна возраст откако, на крајот на септември, беше каснат од зелена мамба - една од најотровните змии во светот. Неговата сопруга Кирсти ја објави веста на неговиот Инстаграм-профил.
„Динго беше каснат од змија-отровница и за жал, поради алергија од змискиот отров, доживеа анафилактичен шок. Покрај снимањето за „Јутјуб“, Грејм водел специјализирани програми за размножувањето кај загрозените видовиво Јужна Африка, како што се влекачи и водоземци, како и центар за едукација за дивиот свет наменет за деца“, се вели во објавата.
Динкелман зад себе ги остави сопругата и три деца.
„Нашите деца - Тејлор, Меди и Рекс, беа најбитните во животот на Динго и тој никогаш не пропушти можност да ја покаже својата љубов и гордост кон своето семејство. Неговото присуство донесе многу топлина, љубов, страст и смеа во нашите животи. Те сакаме, Динго и ние секогаш ќе го славиме твоето неверојатно влијание врз нашите животи“, додаде сопругата.
Јутјуберот се прослави откако победи на натпреварот „#БрејкДНет“ (#BreakTheNet) со неговата серија за дивиот свет во Јужна Африка. Зборувајќи за „Телеграф“, Динго во една прилика рече:
- Мојата страст, мисија и причината поради којашто сум овде на оваа планета е да ги внесам овие животни во животите на луѓето. Отсекогаш верував дека морам да ги освојам оние кои не се запознаени со природата и дивите животни, кои се плашат од змии и нечистотија... Сакав да им всадам страст за заштита на природата.
Поради неговиот ентузијазам за работата, многумина го споредуваат со покојниот австралиски водител-авантурист Стив Ирвин, кој исто така погина на 44-годишна возраст, кога во 2006 година го допре отровната риба раја. си/рп/
Фото: „Инстаграм“, фотоисечок