• понеделник, 23 декември 2024

Почина универзитетскиот професор Љупчо Филиповски

Почина универзитетскиот професор Љупчо Филиповски
Скопје, 25 февруари 2022 (МИА) - По кратко боледување денеска на 89-годишна возраст почина универзитетскиот професор Љупчо Филиповски. Филиповски е роден на 22.9.1933 година во Белград. Дипломирал на Архитектонскиот отсек на Техничкиот факултет во Скопје во 1958 година. Во 1961 година бил примен за асистент по предметот Архитектонски конструкции на Архитектонскиот отсек во Скопје. Завршил постдипломски студии во Ротердам, Холандија во 1966 година. На Архитектонскиот факултет ги поминал сите наставни називи:асистент, доцент, предавач, вонреден професор, редовен професор. Бил и продекан за настава, а и декан на Архитектонскиот факултет. Својата професионална кариера ја завршил во 1998 година како редовен професор. Покрај својата наставно-научна и педагошка дејност во сферата на архитектонското проектирање најголемо внимание и посветил на станбената архитектура. Меѓу позабележителните негови индивидуални и тимски проекти се; Детската градинка на ул „Димитрие Туцовиќ ” во Скопје (1972), станбените 17-катни кули во Нерези (1975), станбени блокови во населбата „Јане Сандански” (1985), административен деловно-продажен центар во Скопје. Го изработил главниот и изведбен проект за Електромашинскиот факултет со лабораториите во Скопје, како и многу индивидуални семејни и викенд куќи, станбени комплекси во Кавадарци и Кочани. Соработувал со многу познати архитекти од земјава и пошироко, бил рецензент, учесник на многубројни архитектонско-урбанистички конкурси. Проектирал објекти и надвор од нашата земја, а учествувал во реконструкција и изведба и на црковни објекти. Во сферата на публицистиката се јавува како автор на 36 публикувани единици и бројни научни и стручни книги и статии. Позначајни се книгиите: „Основи на градежништвото“ (1988) „Сонце, енергија и архитектура“ (1995), „Современи технологии на градење” и „Префабрикација и монтажа кај станбени објекти“ (1997) „Хидроизолации кај рамните кровови-тераси” (1998) и последниот труд-учебник „Хидроизолации кај рамни кровови и подруми” (2007). вг/сп/

Остани поврзан