• четврток, 12 септември 2024

Почина поранешниот претседател на Перу, Алберто Фуџимори

Почина поранешниот претседател на Перу, Алберто Фуџимори

Лима, 12 септември 2024 (МИА) - Алберто Фуџимори, кој владееше со Перу со железна тупаница меѓу 1990 и 2000 година и последните години од животот ги помина во затвор за корупција и злосторства против човештвото, почина вчера во Лима на 86-годишна возраст.

„По долга битка со ракот, нашиот татко Алберто Фуџимори отиде да се сретне со Господ“, објавија неговите деца Кеико, Хиро, Сачи и Кенџи Фуџимори.

Претседателството на Републиката ја потврди „тажната вест“, изразувајќи „искрено сочувство до семејството“.

Синот на јапонски имигранти, Фуџимори беше претседател на Перу од 1990 до 2000 година.

Во 2009 година, Фуџимори беше прогласен за виновен за соодговорност за 25 убиства и две киднапирања за време на неговото владеење. Тој беше прогласен за виновен и за повеќе случаи на корупција. Тој беше осуден на 25 години затвор за злосторства против човештвото, особено за два масакри на цивили извршени од воена ескадрила во борбата против маоистичките герилци „Сјајна патека“ во раните 1990-ти.

Во 2017 година, тогашниот претседател Педро Пабло Кучински го помилува поранешниот шеф на државата од хуманитарни причини поради неговата лоша здравствена состојба. Една година подоцна, во 2018 година, Фуџимори објави дека боледува од рак на белите дробови.

Тој беше ослободен од затвор во декември 2023 година по налог на Уставниот суд „од хуманитарни причини“, и покрај противењето на Меѓуамериканскиот суд за човекови права, откако помина 16 години во затвор, источно од Лима.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан