• понеделник, 23 декември 2024

Почина Дејвид Баркли, сопственикoт на „Дејли телеграф“

Почина Дејвид Баркли, сопственикoт на „Дејли телеграф“
Лондон, 13 јануари 2021 (МИА) - Британскиот милијардер Дејвид Баркли, кој изгради империја со неговиот брат близнак, вклучувајќи го и конзервативниот „Дејли Телеграф“ (Daily Telegraph), почина по кратко боледување, на 87-годишна возраст. Британскиот премиер и поранешен новинар на „Телеграф“, Борис Џонсон на Твитер изрази „почит и восхит“ кон Баркли, кој, како што рече, „спаси еден голем весник, создаде илјадници работни места низ Велика Британија и страсно веруваше во независноста на земјата и она што е способно да го постигне“. Со неговиот брат близнак Фредeрик, изградија голема империја која започна со хотели, па се проширија во областа на малопродажбата, а од 2004 година се сопственици на медиумската групација „Телеграф“. Во најновиот извештај за најбогатите на Островот, од минатата година, „Тајмс“ го проценува богатството на двајцата браќа на седум милијарди фунти (7,9 милијарди евра). „Идентични по изглед, начин на живот, а честопати и по облекување, браќата Баркли делуваа како еден човек во текот на целата своја кариера“, вели написот на весникот, додавајќи дека тие избегнуваа интервјуа и живееја дискретно. Покрај Телеграф, двајцата браќа го купија дневниот весник „Јуропијан“ (The European) во 1992, кој беше затворен 1998 година, а го поседуваа и шкотскиот весник „Скотсмен“ (The Scotsman, 1995-2005). Според „Телеграф“, Дејвид Баркли многу сакал да чита. Бил опседнат со весници, бизнис, економија и политика и секогаш велел дека студира на „универзитетот на животот“ откако го напуштил училиштето како 14-годишно момче, како и неговиот брат близнак. Продажбата на познатиот луксузен хотел „Риц“ во Лондон минатата година, на катарски инвеститор, откри извесни несогласувања во семејството, проследени со обвинувања за нелегално прислушување.  си/сд/

Остани поврзан