• среда, 18 декември 2024

Потпишан меморандум за соработка на граѓанска коалиција за борба против злоупотреба на урбано зеленило

Потпишан меморандум за соработка на граѓанска коалиција за борба против злоупотреба на урбано зеленило

Скопје, 17 декември 2024 (МИА) - Меморандум за соработка на граѓанската коалиција за борба против злоупотреба на урбано зеленило беше потпишан денеска во Кино „Кисела Вода“. Како што беше појаснето, претставници на граѓански организации, институции, експерти се здружуваат за да може поефикасно да се води борбата против корупцијата во урбанистичкото планирање и градење, поради што неповратно се уништува урбаното зеленило, за сметка на интензивна и нехумана урбанизација и бетонизација на просторот.

„Зелен институт“, во партнерство со „Изгрејсонце“, спроведува проект „Граѓаните против корупцијата во животната средина“ во рамките на програмата „Граѓаните против корупцијата (ГПК)“ - „Грантови и градење на капацитети“. Финансирањето е обезбедено од МЦМС, со средства од американскиот народ преку УСАИД.

Ана Петровска, раководител на проектот за спречување корупција во животната средина, во изјава за медиуми појасни дека денеска се означува формирање тематска граѓанска коалиција за спречување злоупотреба на урбаното зеленило.

- Што знаеме дека сѐ помалку го има. Во оваа коалиција се вклучени повеќе значајни граѓански организации од Скопје и од скопскиот регион. Исто така, има и претставници од разни институции, активисти, додаде Петровска.

Таа нагласи дека ова е само почеток на проектот.

- Оваа граѓанска коалиција ќе треба да обезбеди гласност и пристап до граѓаните, сѐ со цел, тие да се охрабрат, да можат да пријавуваат случаи на корупција во животната средина. Во рамките на проектот, ние ќе обезбедиме една безбедна платформа, каде граѓаните што ќе бидат заинтересирани да пријават случаи на корупција, ќе може да ги пријават анонимно или со име и презиме, истовремено да понудат докази, од што ние со правниот тим и стручно лице за спречување корупција и судир на интереси, ќе формираме случаи, појасни Петровска.

Професор доктор Зоран Шапуриќ подвлече дека целта на овој настан, организиран од оваа коалиција, е преземање драстични мерки за заштита на зеленилото што масовно се уништува, „пред сѐ поради масовна, нехумана и неодржлива градба“.

- Мора да се донесе многу подобар закон за зеленило, бидејќи сега имаме случаи да фактички се изигрува законот, бидејќи се сечат долгогодишни, дваесетгодишни - триесетгодишни дрва такво зеленило, но, потоа се градат едни мали грмушки и се смета само површина, а не габарит, не квадратура на објектот на зграда од 11 спрата. Така да, ова е уште еден апел за поскоро донесување нов закон и преземање драстични мерки, бидејќи зеленилото навистина го уништивме во Скопје, а и во другите градови, истакна Шапуриќ во изјава за медиуми.

Оваа иницијатива, како што додаде тој, е да се поттикне побрзо донесување и преземање итни мерки и од централната и од локалната власт.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски рече дека како локална самоуправа, изминатите три години покажале дека можат на „поинаков начин да функционираме за разлика од минатото“, што за тоа, додаде, говорат и практично нивните примери и преземените активности.

Тој ги спомна транспарентноста во урбанизмот, ревизијата на постоечките детални урбанистички планови и одобренија за градба по чиј процес биле и поништени неколку одобренија во Црниче и во Пржино, потсети за изградени - изминатите три години - седум паркови со 13 спортски и рекреативни центри на територија на општина Кисела Вода, поставени прочистувачи за воздух надворешни, мерни станици.

Градоначалникот беше прашан, бидејќи во Скопје речиси секој ден никнува по некоја зграда, дали доволно се почитуваат законите за да има доволно зеленило и што се очекува од оваа иницијатива на граѓаните за борба.

- Јас длабоко верувам во капацитетите на скопските градоначалници. Сите првенствено ми се драги соработници и пријатели и постојано се координираме кога станува збор за оваа тема. Борбата и заложбата се на сите подеднакви и може да се види доколку се направи паралела, во минатото колку одобренија за градба се издавале, тоа се јавно достапни информации до што секој граѓанин може во денешно време лесно да стигне. Можете да видете дека има енормни разлики во тие процеси, одговори Ѓорѓиевски.

Но, тој смета дека не треба тука да се запре, туку и понатаму „сите да делуваме колективно“.

По потпишувањето меморандум, следуваше почетокот на форумот со наслов „Злоупотреба на урбано зеленило за згради“. бд/са/

Фото: МИА

Остани поврзан