Потпишан Меморандум за разбирање меѓу Кабинетот на вицепремиерот за политики на добро владеење и Универзитетот „Мајка Тереза“
- Заменик-претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи и ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, проф. д-р Беким Фетаји, денеска потпишаа Меморандум за разбирање меѓу двете институции.
Скопје, 25 декември 2025 (МИА) – Заменик-претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи и ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“, проф. д-р Беким Фетаји, денеска потпишаа Меморандум за разбирање меѓу двете институции.
Меморандумот, што бепе потпишан во кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, претставува значаен чекор кон унапредување на соработката меѓу високото образование и владините институции, со цел создавање директни можности за размена на знаења и практични искуства. Со договорот се овозможува реализација на професионална пракса за студентите на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Кабинетот на заменик-претседателот на Владата, како и активно вклучување на академскиот кадар и универзитетските експерти во работни групи, проекти и иницијативи поврзани со политиките на добро владеење, транспарентноста, отчетноста и дигитализацијата на административните процеси.

Во контекст на 9-годишнината од основањето на Универзитетот „Мајка Тереза“ – институција која придонесува во образованието и во промоцијата на мултикултурните вредности во Северна Македонија – оваа соработка доаѓа како продолжение на претходно најавените ангажмани за поддршка на младите и интеграција на академското знаење во државните процеси на донесување одлуки.
-Ова е важен чекор кон приближување на младите до процесите на донесување одлуки и обезбедување практично искуство што ќе ги подготви за пазарот на труд, истовремено придонесувајќи за градење на потранспарентно и поефикасно владеење, изјави Фетаи по потпишувањето на меморандумот.
Ректорот Фетаји истакна дека „соработката со централните државни институции е приоритет на Универзитетот „Мајка Тереза“ за подигнување на квалитетот на образованието, развој на иновативни проекти и директен придонес во развојот на нашето мултиетничко општество“.
Овој меморандум се очекува да отвори нови можности за студентите и академскиот кадар, промовирајќи ги вредностите на добро владеење и зајакнувајќи ја врската меѓу академската теорија и институционалната пракса.дма/лв/
Фото: Кабинет на заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за политики на добро владеење