• недела, 22 декември 2024

Потпишан Договор за збратимување помеѓу скопските општини Чаир и Сарај со малтешката Општина Л-Исла

Потпишан Договор за збратимување помеѓу скопските општини Чаир и Сарај со малтешката Општина Л-Исла

Скопје, 24 март 2023 (МИА) - Во Скопје денеска беше потпишан Договор за збратимување помеѓу скопските општини Чаир и Сарај со малтешката Општина Л-Исла.

Договорот беше потпишан од страна на градоначалниците на Чаир и Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети и градоначалникот на Л-Исла, Кливе Пулис.

Градоначалникот Ганиу истакна дека овој договор е насочен кон подобрување на односите помеѓу жителите на овие три општини и креирање и спроведување на програми кои ќе промовираат поцврсти односи меѓу нив, учество во заеднички проекти, инвестиции, но и меѓусебни посета на двете земји. Тој посочи дека Општина Чаир досега е збратимена со 12 општини од различни држави.

- Проектите ќе бидат од заеднички интерес во областа на локалниот развој, енергетската ефикасност, квалитетот на локалните служби, млади, спорт и образование. Ќе соработуваме во сите овие области, рече Ганиу.

Градоначалникот на малтешката Општина Л-Исла, Кливе Пулис истакна дека соработката на општините во меѓународниот сектор е одлична можност за размена на искуства, промоција на градовите, како и размена на практични искуства во работата.

И градоначалникот Беџети го потенцира задоволството од збратимувањето со Општина Л-Исла и посочи дека соработката е добра за користење на искуствата од Малта на патот на нашата држава кон европските перспективи. фф/сп/

Фото: МИА

Остани поврзан