• петок, 22 ноември 2024

Потенцијален инвеститор заинтересиран за изградба на когенеративна гасна постројка 

Потенцијален инвеститор заинтересиран за изградба на когенеративна гасна постројка 

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) – Има потенцијален инвеститор којшто сака да инвестира една милијарда евра во когенеративна гасна постројка, најави премиерот Христијан Мицкоски по завршувањето на бизнис форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“ што денеска се одржа во Скопје во организација на Стопанската комора на Македонија-Турција – МАТТО.

Нагласи дека веднаш по настанот оди во Владата на состанок со потенцијалниот инвеститор и додаде дека работат на неколку такви проекти за изградба на когенеративни постројки, кои како што кажа, се единствен начин да се намали загадувањето предизвикано од затоплувањето на домовите со дрва, дрвен отпад, неретко и гуми поради економската состојба.

-Единствен начин за да делуваме веднаш во овие средини е ваквото греење да биде заменето со друг енергенс којшто е прифатлив за нив, а тоа е централно затоплување. Како ќе дојдеме до најевтино централно затоплување – преку градба на когенеративни гасни постројки коишто во текот на зимата кога ни треба ќе произведуваат и електрична енергија и истовремено ќе произведуваат топла вода која што преку топловоди ќе биде дистрибуирана до тие средини коишто денеска користат сосема поинаков енергенс којшто за жал емитува ПМ 2,5 и ПМ 10 честички во воздухот и тоа е 60 проценти од факторот којшто влијае врз загадувањето, изјави Мицкоски во одговор на новинарско прашање. 

Владата како што кажа, работи на неколку такви проекти. 

-Токму од овде одам на состанок во Владата со потенцијален инвеститор којшто сака да инвестира една милијарда евра во ваков тип на производни капацитети. Тоа нема да биде по привилегирани цени, се ќе биде по пазарни услови. Моја цел е и државата да биде дел од пакетот, да биде косопственик во самата инвестиција со земја, со приклучоци,... затоа што цениме дека приватните инвеститори коишто имаат пристап до гасот можат на многу поедноставен и пофлексибилен начин да го донесат тука отколку државата, рече Мицкоски. 

Доколку се биде како што треба со преговорите, додаде, проектот ќе треба да почне да се реализира во текот на наредната година и да биде готов за три години. вј/ев/

Фото: Принтскрин

 

Остани поврзан