• вторник, 05 ноември 2024

Постојат ризици Северен поток 2 да биде запрен или откажан

Постојат ризици Северен поток 2 да биде запрен или откажан
Москва, 19 јануари 2021 (МИА) - Руската компанија „Газпром“ призна дека постои ризик изградбата на неговиот подводен гасовод „Северен поток 2“, кој се протега по дното на Балтичкото Море до Германија, да биде прекината или откажана, откако САД воведоа санкции за рускиот брод кој ги поставува цевките. Германското Министерство за економија соопшти дека било претходно информирано за воведување американски санкции против рускиот брод „Фортуна“ и неговиот сопственик. - Со жалење ја примаме оваа информација, нагласи германското Министерство. САД тврдат дека гасоводот „Северен поток 2“, вреден 11 милијарди долари, ќе ја направи Европа зависна од рускиот гас и ќе и наштети на европската енергетска безбедност. Кремљ ги негира таквите наводи и ја обвини американската Влада дека се обидува да промовира продажба на сопствен течен природен гас на Стариот континент. Компанијата призна дека овие ризици можат да го направат невозможно или неизводливо спроведувањето на проектот и да доведат до негово прекинување или откажување. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков во денешната реакција на новите санкции од Вашингтон, оцени дека таквиот потег е „груб и нелегитимен притисок од страна на САД“. - Внимателно ја следиме ситуацијата и ја анализираме додека продолжуваме со работата за завршување на проектот, истакна Песков. „Газпром“ соопшти дека шест отсто од гасоводот или околу 150 километри остануваат да бидат завршени. гт/

Остани поврзан