• петок, 22 ноември 2024

Поставен камен-темелник на новата детска градинка „11 Октомври“ во населбата Бутел

Поставен камен-темелник на новата детска градинка „11 Октомври“ во населбата Бутел

Скопје, 1 јули 2024 (МИА) - По 60 години во населбата Бутел 2 денеска беше поставен камен-темелник на новата градска градинка „11 Октомври“, која ќе има капацитет за згрижување на 200 деца.

Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека детската градинка ќе се простира на површина од 1800 метри квадратни, а инвестицијата е над 100 милиони денари.

- Има и одредена симболика за овој објект. Тука е мешана етничка средина, има дечиња и од македонска и од албанска национална припадност. Инвестициите во ваквата инфраструктура мора да бидат подеднакви затоа што подеднакво треба да се грижиме за решенија на проблемите кои ги засегаат сите граѓани. Ова е време кога државата треба да прави за народот, затоа што долго време народот правеше за државата. Македонија треба да припадне во рацете на граѓаните. Оваа градинка ви ја ветив пред изборите и еве ме на осмиот ден од новата Влада редиме камен темелник на оваа градинка, истакна Мицкоски.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани нагласи дека како институции и во иднина ќе продолжат да ги зголемат просториите и кадровскиот капацитет на детските градинки, имајќи ја предвид, како што рече, важноста на предучилишното образование во понатамошниот развој на децата. Тој потенцира дека паралелно ќе работат на усовршување и подобрување на професионалните капацитети на вработените и граѓаните. 

Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски рече дека до пред некој ден на таа просторија имало руина иако градбата била целосна. Посочи дека 50 проценти од градинката била нефункционална, а останатите 50 проценти биле субстандардни, исклучително лоши услови за претшколската возраст. 
Најави дека во рамки на неговиот градоначалнички мандат ќе започне и заврши две нови градинки. Тој најави дека Бутел ќе добие нова поликлиника, нова полициска станица, нов голем парк во Радишани и други капитални проекти ќе се реализираат во оваа општина со финансиските средства кои Општина Бутел ќе ги добие на годишно ниво од Владата во вредност од околу 4,5 милиони евра. фф/ев/

Фото: Влада

Остани поврзан