• четврток, 19 декември 2024

Поставени заштитни столпчиња и огради за поголема безбедност на пешаците во Лисиче

Поставени заштитни столпчиња и огради за поголема безбедност на пешаците во Лисиче
Скопје, 6 април 2021 (МИА) - Заштитни столпчиња и огради се поставуваат на различни локации во населбата Лисиче, каде, како што информираат од Општина Аеродром, редовно има поголема фреквенцијата на пешаци и возила. Вакви сообраќајни решенија досега се поставени на тротоарите што се во непосредна близина на трговскиот центар во Лисиче, пред влезот и по должина на тротоарот покрај детската градинка „Буба Мара“, како и пред влезот на основното училиште „Димитар Македонски“. Според градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, безбедноста во сообраќајот е еден од приоритетите на општината. - Постојано работиме на подобрување на сообраќајната сигнализација и нејзино редовно одржување. Пред сите училишта поставивме хоризонтална и вертикална сигнализација за што поголема безбедност на нашите ученици. Исто така, секаде каде што постои можност поставуваме столпчиња и огради за да го спречиме непрописното паркирање или минување на возилата, кои со тоа за жал ја нарушуваат безбедноста во сообраќајот. Истовремено се грижиме и за велосипедистите, кои особено во летниот период се активни учесници во сообраќајот и имаат свои патеки по кои можат непречено да се движат, рече Златко Марин, се вели во соопштението од Општина Аеродром. Од Општината Аеродром, исто така, информираат дека во текот на овој месец ќе се реконструираат тротоарите околу трговскиот центар во населбата Лисиче, како и на други локации низ општината. аа/

Остани поврзан