Последен ден од Пописот, ДЗС уверен дека ќе заврши во законскиот рок
- Согласно Законот за попис, денеска е последниот 26-ти ден од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година. До вчера во земјава се попишани вку
Скопје, 30 септември 2021 (МИА) – Согласно Законот за попис, денеска е последниот 26-ти ден од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година. До вчера во земјава се попишани вкупно 1.760.194 лица, 546.080 домаќинства и 789.406 станови, додека можноста за самопопишување на лица во странство, досега ја искористиле – 201.247 граѓани од дијаспората.
Продолжување на Пописот засега не е побарано од Државниот завод за статистика, кој, како што посочи вчера владиниот портпарол Душко Арсовски, ќе го има последниот збор за тоа.
-Последниот збор ќе го има Државниот завод за статистика, информациите од таму се дека на неполни два дена до завршувањето на теренското попишување на целата територија на државата се прават финални проверки за евентуално пропуштени граѓани и веќе се затвораат пописните кругови во Скопје, каде што има најголема концетрација на население, изјави вчера Арсовски.
Директорот на ДЗС Апостол Симовски, вчера изрази уверување дека Пописот ќе заврши во законскиот рок и потврди дека досега немаат побарано продолжување.
– Нас ни е битно да бидат опфатени сите објекти за домување. Ние имаме своја технологија по која го следиме процесот и ќе знаеме дали и кога точно ќе го завршиме процесот. Согласно сегашните процеси, очекуваме и уверени сме дека ќе завршиме во законскиот рок, изјави Симовски за МИА.
Министерот за правда Бојан Маричиќ, вчера истакна дека целта е сите граѓани да се попишат и ниту еден да не остане непопишан, и дека се во постојана комуникација со Заводот за статистика и врз основа на нивните проценки и информации ќе носат одлуки за понатаму.
– Наша цел е пописот да се заврши во законски предвидениот рок, доколку има било што друго навреме ќе ја известиме јавноста, заклучи Маричиќ.
Од Државниот завод за статистика информираат дека со сиот расположлив потенцијал се работи непрекинато и според утврдените рокови предвидени во Законот за попис.
Освен во своите домови, граѓаните можат да се попишат и на одредени пунктови во нивните општини, што ги отвори Државниот завод за статистика. Локациите за попишување се достапни на линкот на ДЗС: https://popis2021.stat.gov.mk/Upatstva/SpisokNaKPRzaPopisuvanje.pdf
Од Државниот завод за статистика велат дека во последните денови од Пописот на населението, домаќинствата и становите, пописните активности на терен се одвиваат непречено и во одредени пописни реони со зголемен интензитет. Помалите пописни реони низ државата веќе завршуваат со попишување на населението и се прават последни завршни проверки. Во одредени урбани средини интензитетот на попишување се зголемува, се вклучуваат дополнителни попишувачи за да може да се посети секое домаќинство и никој да не биде пропуштен.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој официјално започна на 5 септември, согласно Законот за попис ќе трае до денеска 30 септември. аа/ев/