• понеделник, 23 декември 2024

Посебна психијатриска и невролошка помош за ковид-пациентите во прилепската болница,  да се внимава и на пост-ковид заздравувањето

Посебна психијатриска и невролошка помош за ковид-пациентите во прилепската болница,  да се внимава и на пост-ковид заздравувањето
Прилеп, 18 април 2021 (МИА) - Прилепската болница со отворање посебен оддел на Одделението за уво, нос и грло, почна со третман на ковид-пациентите кои имаат невролошки и психијатриски проблеми. Според диркторката на болницата, Кети Смилеска, тоа е неопходно, поради тоа што сѐ почести се таквите пробеми кај ковид-пациентите. - Се укажа потреба посебно да се третираат ковид-пациентите кои, најверојатно поради новиот сој имаат такви проблеми при ковид-третманот на лекување, вели Смилеска. Како што објаснува психијатрот и експерт на СЗО за стрес и стресни состојби, д-р Сашо Пирганоски, ковид-заразата го напаѓа целиот организам: физилошки, невролошки и психички. Кај повозрасните пациенти, претежно, има невролошки, а кај помладите, психијатриски нарушувања. -Во болницата веќе се сместени ковид-пациентите кои манифестираат, покрај симптоми од Ковид и психијатриски и невролошки потешкотии. Одделивме посебна болничка соба каде се сместени позитивни на ковид со невролошки проблеми, како последица на мозочен удар. Или имаат коморбидитет или мозочниот удар е последица на ковидот, посочи Пирганоски. Тој истакна дека имаат место и за психијатриските болни, најчесто повозрасни, кои имаат компромитирана циркулација во мозокот и развиваат и дементни симптоми. -И во состојба кога е падната сатурацијата на кислородот поради ковид-заразата, поради бронхопневмонијата, тие симптоми што претходно ги имале се влошуваат и ако немале, се потенцираат одредени дементни симптоми, односно збунетост, заборавност, конфузност, негирање на реалноста, па и нервоза. Исто така, имаме пациенти кои поради тежината на клиничката состојба влијаат на другите пациенти, на околината. Поради реалноста дека овој сој влијае на клиничката слика, на состојбата, стравот е силно изразен кај некои од болните, особено кај помладите: страв од смрт и страв од последиците од ковидот, додава Сашо Пирганоски. Покрај стравот, состојбите на тага загриженост, депресивност поради болеста, тој вели дека во кобинација со некој коморбидитет даваат ситуација и на психијатриски болни. -Бројот е во пораст, но сѐ уште не може да кажеме конкретни бројки или застапената процентуалност. Организацијата е поставена како и за степенот на здравствената состојба, воопшто, во сите ковид оддели и во модуларната болница, објаснува Пирганоски. Многу граѓани доаѓаат кај психијатарот и во пост-ковид ситуација. -Организмот е целина. Ковид-19 атакува на целиот организам. Иако вирусот е непознат, за нас клиничките слики се познати. Негативните, а кои имаат невролошки проблеми, се лекуваат на доделот неврологија кој е подготвен да ги прифати сите болни. Организирани сме со оддели за обична и за интензивна нега. Да, доаѓаат на разговор. Тоа се дел од психијатриски болните. Главно, им останува изнемоштеноста, падот на сите животни динамизми, на волјата, депресивност во која спаѓаат падот на нагоните, на мотивите, желбата и пациенти кај кои е силен стравот, истакна Пирганоски. Тој објаснува дека секој кој се соочил со опасноста од смрт, како последица од болеста, од загрозеност зависи и од структурата на личноста. Некој реагира и го мобилизира организмот адекватно да се одбрани од опасноста, некој влегува во пост-стресогена болест, состојба. Има проблеми при адаптацијата на новонастанатата состојба, проследена со потешко дишење, изнемоштеност, замор. -Се јавуваат депресивност, несоница, ноќни кошмари. Главно, присутен е стравот: од смрт, од неуспех, од иднината. Општиот страв е анксиозност, вели Пирганоски. Според психијатарот Сашо Пирганоски има, главно, два начина да се надмине сето при пост-ковид ситуација. Едно е, самата личност, да се избори со ситуацијата, потребата од самодоверба и јакнење на личноста, промена на секојдневието од болест во заздравување, и второ, да помогне стручно лице. Нема потреба од срам или одложување. -Искуството и новите научни сознанија, културата на живеењето, ме научија дека оној кој може сам да си помогне, си помага. Тоа е најдобар случај. А тој кој не може сам да си помогне, да побара стручна помош. Не е ниту страшно, ниту срамно. Општите правила за здрав живот ги знаеме. Хоби, занимација, читање книги, здрава исхрана, прошетки во природа, одмор, релаксација. Севкупно, потребна е промена на начинот на кој функционирал како болен. Значи, личноста да се почувствува корисна, ефикасна, да може да се вклопи социјално, но да се почувствува дека е не е отфрлена, болна, дека не е неспособна да се справи со некои ситуации, вели психијатарот и експерт на СЗО за стрес и стресни состојби, д-р Сашо Пирганоски. Тој советува дека потребни се зајакнување на самодовербата и самопочитта и доколку личноста не успее сама да се избори, задолжително да побара помош од стручно лице, односно психијатар, психолог, социјален работник, секој кој професионално може и знае да помогне во враќањето на стабилниот емоционален живот. ем/ки/

Остани поврзан