• петок, 22 ноември 2024

Портрет на Керол Ен Дафи на СВП

Портрет на Керол Ен Дафи на СВП
Струга, 28 август 2021 (МИА) - На летната сцена при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга синоќа беше претставен поетски портрет на добитничката на „Златниот венец“, британката Керол Ен Дафи, во рамки на јубиленото. 60 издание на Фестивалот „Струшки вечери на поезијата“. Годинашниот лауреат Ен Дафи поради состојбата со пандемијата од Ковид – 19 не присуствува на манифестацијата во Струга, но пред присутните се обрати преку видео врска, а имаше и онлајн поетски читања. Претседателката на Управниот одбор на СВП, професорката Елизабета Шелева, промовирајќи го поетскиот пат на добитничката, посочи дека Ен Дафи станала препознатлива во светски рамки уште со објавувањето на нејзината прва книга. - Има поети што зборуваат гласно, со широко отворена уста, едвај чекајќи да се дограбат за подиумот и микрофонот – а има и такви, кои чиниш скржаво ги изговараат зборовите низ уста, поради својата длабока интровертност, обидувајќи се да ја заборават „сцената“. Керол Ен Дафи, на прв поглед, воопшто не оддава впечаток на поет, препознатлив по својот екстравагантен изглед, сценска појава и самодопадливост. Таа, првенствено, е скромна, би се рекло дури и срамежлива, во споредба со поетите, кои се доста вешти и спремни на сè (пред сè, флертување со публиката, издавачите, критиката, медиумите), за атер и во прилог на сопствената самопромоција, рече Шелева. Но, нагласи, кога Дафи ќе почне да ги кажува своите песни, тогаш, во длабоко притаениот тон на оваа поезија, одеднаш го допирате моќниот спој на вековите, волшебната сезначност на келтските митови, друидската магија на природата, пренаселена со таинствени гласови од минатото и волшебни созвучја со паганските предци од минатото. Тоа, посочи претседателката на УО, е уште причина повеќе, во годината, кога СВП го одбележува 60-годишен јубилеј, меѓу лауреатите да се впише и името на Керол Ен Дафи. Среќна што нејзиното име ќе биде додадено меѓу добитниците на „Златниот венец“, Ен Дафи се наврати на почетоците и љубовта кон поеизјата, за која рече дека почнала уште од нејзиното детство, кога мајка и и читала, а продолжила со читање книги од локалната библиотека - Детски песнички. Локална библиотека. Посветени наставници по англиски јазик. Добра книжарница. Сите тие ми ја хранеа и негуваа љубовта за поезијата и, како што не е невообичаено кај децата и тинејџерите, ме поттикнаа да пишувам мои песни. Мислам дека е очигледно од тоа што го кажувам дека за да пишуваат поезија, младите луѓе мора да читаат поезија, порача Дафи. По завршување на претставувањето на лауреатот, портрет имаше и за српскиот поет Владан Кречковиќ, добитник на наградата за најдобра дебитантска поетска збирка од млад автор „Мостови на Струга“ за 2021 година, што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата во соработка со УНЕСКO. Манифестацијата продолжи со поетски читања на поетите од платформа „Версополис“ и традиционалните „Ноќи без интерпункција“. Јубилејното фестивалско издание продолжува денеска со портрети на македонските дејци Анте Попоски и Блаже Конески и претставување на годинашниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија, што годинава ја доби македонска поетеса Лидија Димковска за книгата  „Гранична состојба“. сс/мд/

Остани поврзан