Портрет на идниот германски канцелар Фридрих Мерц
- Идниот нов канцелар на Германија Фридрих Мерц, често окарактеризиран како „човек од минатото“, буди големи надежи кај неговите европски сојузници, кои цврсто сметаат на поддршката на Германија, пренесуваат странските агенции.

Берлин, 10 април 2025 (МИА) - Идниот нов канцелар на Германија Фридрих Мерц, често окарактеризиран како „човек од минатото“, буди големи надежи кај неговите европски сојузници, кои цврсто сметаат на поддршката на Германија, пренесуваат странските агенции.
Конзервативниот политичар (69), чија група ЦДУ/ЦСУ победи на парламентарните избори на 23 февруари, ја помина клучната фаза во неговата кандидатура за челната функција по објавата за коалициски договор со левиот центар за формирање влада.
Патот беше долг за адвокатот по образование, кој беше соборен од власт во раните 2000-ти од Ангела Меркел, додека тој се сметаше себеси за природен наследник на Хелмут Кол, таткото на германското обединување, пишуваат европските медиуми.
Човек кој никогаш немал министерска позиција го презема раководството на првата европска сила во време на геополитички превирања, додека Европа се обидува да се ослободи од военото покровителство на сè понепредвидливиот американски сојузник за да обезбеди сопствена одбрана од руската закана.
Како недвосмислен поддржувач на пружањето помош за Украина, тој го привлече вниманието најавувајќи, веќе во март, со неговите владејачки партнери Социјалдемократите (СПД), досега невидена програма за трошење од неколку стотици милијарди евра за повторно вооружување и модернизација на Германија, која досега беше многу посветена на одржување на буџетската дисциплина.
Неделникот Економист во многу пофален воведник напиша дека тоа е „фантастичен почеток за Фридрих Мерц“.
Но, храброста што на овој милионер и пилот аматер ги носи пофалбите на европските сојузници во оваа фаза во Германија, предизвикува и критики и незадоволство.
„Многу ќе зависи од способноста на Фридрих Мерц да ја продаде идејата дека „безбедноста сега е апсолутен приоритет“ и дека позајмувањето за неа е „неизбежно““, рече политикологот Урсула Мунк од Универзитетот во Туцинг.
За време на предизборната кампања тој вети јасна промена на десно доколку стане канцелар со заострување на миграциските регулативи по неколку смртоносни напади во кои беа вклучени странци.
Од неговиот избор за шеф на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) во 2022 година, тој најави целосен пресврт на дарежливата политика за прифаќање мигранти на Ангела Меркел (2005-2021).
Според него, само рестриктивната политика во однос на мигрантите може ефективно да ја запре АфД, основана во 2013 година со поранешни кадри на ЦДУ, со кои тој исклучи каква било соработка и покрај поканите на Доналд Трамп и неговите соработници.
Човекот кој вети дека ќе ја врати гордоста на Германија, исто така, ќе мора да најде начин да ја реши длабоката криза на индустрискиот модел низ кој минува земјата, што може дополнително да се влоши со новите царини од Трамп.
Мерц е убеден либерал и пред се сака да ги намали корпоративните даноци и бирократијата.
„Многумина во ЦДУ мислат дека Мерц и Трамп би можеле добро да се сложуваат. Мерц ги познава САД, тој направи кариера во приватниот сектор, па затоа е бизнисмен, што би можело да му се допадне на 'креаторот на зделки' во Белата куќа“, пишува магазинот Шпигел. паг/
Фото: МИА архива