• вторник, 07 април 2026

Пораст на малолетничка деликвенција во Куманово

Пораст на малолетничка деликвенција во Куманово

Куманово, 30 март 2026 (МИА) - Институциите во Куманово регистрираат пораст на малолетничка деликвенција, информираа од СВР Куманово. Според анализата на полицијата зголемен е бројот на малолетни лица инволвирани во кривични дела на подрачјето на Куманово. Во 2025-та година регистрирани се вкупно 80 малолетни сторители, за разлика од евидентираните 24 во 2024 година. Во текот на 2025 година, до Основното јавно обвинителство Куманово  поднесени се 45 кривични пријави против малолетници. Најголемиот дел од нив се однесуваат на кражби и тешки кражби, додека значителен дел се и кривични дела со елементи на насилство.

Според магистер по малолетничка деликвенција и дел од стручна служна на државното училиште „Киро Бурназ“, Анита Младеновска, статистиката не треба да се гледа изолирано, туку како симптом на поширока општествена криза.

-Ова не е само обична статистика, туку показател за една суштинска системска ерозија. Проблемот лежи во повеќе фактори, влијанието на социјалните мрежи, губењето на авторитетот на семејството, како и слабеењето на воспитната улога на училиштето- посочи Младеновска.

Таа нагласува дека младите, од невролошки аспект, имаат недоволно развиен префронтален кортекс, што ги прави поимпулсивни и склони кон ризично однесување. Во отсуство на соодветни насоки, оваа енергија често се канализира во девијантни форми.

-Агресијата може да се пренасочи во спорт и креативни активности, но за тоа е потребен систем. Дополнителен проблем е што младите гледаат примери на неказнивост, што создава чувство дека одредени однесувања се дозволени- додава Младеновска.

Како особено проблематичен се посочува недостигот на навремени интервенции во образовниот систем. Наместо генерализирање, потребен е индивидуален пристап кон учениците со ризично однесување.

-Не можат сите ученици да се етикетираат како агресивни. Потребно е училиштата да идентификуваат ризични категории и да работат индивидуално со нив, во координација со родителите, центрите за социјална работа и институциите. Искуството од терен покажува дека превенцијата е поефикасна од казнената политика.Казните сами по себе не ја намалуваат агресијата и криминалот и доздаваат рецидивисти. Ако не се делува навреме, постои ризик младите од помали прекршоци да преминат кон посериозни, па дури и организиран криминал- вели Младеновска.

Како дел од решението, таа ја нагласува потребата од посилна соработка меѓу семејството, училиштето и локалната заедница, како и развој на младински и спортски центри.

Анализите на СВР Куманово укажуваат дека малолетниците сè почесто се јавуваат како извршители на насилни дејствија, а дел од нив делуваат во групи, неретко заедно со полнолетни лица. Сепак, регистрирани се и случаи на самостојно извршување кривични дела. Полицијата во текот на годината презела низа мерки и активности, повикани биле 160 деца во врска со кривични дела, 24 биле повикани за прекршоци од јавен ред и мир, задржани -22 малолетници,лишени од слобода -23 и биле извршени службени разговори во 168 случаи. ам/дма/

Фото: МИА

Тагови

Остани поврзан