• вторник, 24 декември 2024

Порано од планираното се отвораат моловите, кафулињата и угостителските објекти во Грција

Порано од планираното се отвораат моловите, кафулињата и угостителските објекти во Грција
Атина, 16 мај 2020 (МИА) – Грчката Влада, продолжува со намалување на рестриктивните мерки, побргу од почетниот план односно една седмица порано од планираното се отвораат моловите, кафулињата и угостителските објекти. Трговските центри и моловите во Грција, в понеделник ги отвораат вратите за граѓаните, наместо на 25 мај како што првично беше планирано, додека пак кафулињата и угостителските објекти, наместо на 1 јуни, ќе се отворат на 25 мај, јави дописничката на МИА од Атина. Исто како и за другите бизниси што започнаа со работа, така и за трговските центри и моловите ќе важат посебни правила и прописи. Во продавниците што се наоѓаат во моловите е задолжителна употребата на маска и од вработените и од купувачите, а за во останатите делови од моловите односно за ходниците и останатите простории постои силна препорака за користење маска. Бројот на купувачи ќе биде во зависност од големината на просторот, а задолжително е одржување на потребното растојание. Во однос на кафулињата и рестораните, грчката Влада побара од здравствената комисија на експерти да ја разгледа можноста, доколку тоа го дозволува епидемиолошката ситуација, да се отворат една седмица порано, на 25 мај. Според информациите во Грција, како што јавува дописничката на МИА од Атина, процените се дека онаму каде што почетокот на општествените и економски активности е на организиран начин, со почитување на здравствените правила, резултатите се позитивни. Утрово, експертската комисија даде „зелено светло“ за угостителските објекти, а утре, надлежниот министер ќе ги презентира правилата на работа. ср/ми/

Остани поврзан