• петок, 22 ноември 2024

Поранешниот претседател на ССМ Митрески контра актуелното раководство на ССМ

Поранешниот претседател на ССМ Митрески контра актуелното раководство на ССМ

Скопје, 23 август 2024 (МИА) - Живко Митрески, поранешен претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, денеска на прес-конференција се осврна на барањето на Сојузот на синдикати за зголемување на платите тврдејќи дека актуелниот претседател на ССМ Слободан Трендафилов ја замајува јавноста. Трендафилов, пак, кој исто така присуствуваше на прес-конференцијата, рече дека ССМ е репрезентативен синдикат и дека остануваат на барањето за зголемување на платите. 

- Да упатам јавна критика во делот на однесувањето на г. Трендафилов и замајувањето на јавноста за зголемувањето на платите. Ние како чесни синдикалци ќе бараме зголемување на платите и ќе бараме врз основа со легитимните синдикати да направиме реален социјален дијалог со кој ќе утврдиме зголемување на платите на начин како што е утврдено во нашето законодавство, а не повикување на нешто што е спротивно на сите стандарди, рече Митрески.

Тврди дека е нелегитимно сменет од функцијата со решение потпишано од поранешната министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски. 

- Пристигнато е најново барање од страна на ЕУ до претседателот на Владата на Република Македонија, исто така и до министерот за економија и труд со кои бараат елиминирање на сите решенија, посебно на решението на госпоѓата Ременска со кој нелегитимно бев променет од позицијата претседател на ССМ, изјави Митрески.

Актуелниот претседател на ССМ, пак, во изјава за медиумите рече дека остануваат на барањето за зголемување на платите.

- Мене ми е многу жал што претседателот Митревски се уште живее како да е 2017 година, 11 август, кога бил променет од функцијата. Од тогаш до денеска се поминати повеќе од шест години. Ние како ССМ остануваме на ставот дека платите во Македонија мора да се зголемат. Политичките памфлети, политичките напади врз претседател на ССМ, врз ССМ како организација, врз работниците ги отфрламе и сметаме дека се крајно несериозни особено поради тоа што ССМ е единствениот репрезентативен партнер во оваа држава на работодавачите и на владата и особено поради тоа што во изминатиот период успеавме да покажеме дека не само со социјален дијалог туку и со штрајкови и со преговори и со блокади ќе успееме да го направиме тоа што го правиме најдобро за работниците, а тоа е зголемување на нивните плати, изјави Трендафилов.

Митрески беше претседател на ССМ до 2017 година кога функцијата ја презеде Дарко Димовски. бак/ев/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан