Поранешниот претседател на Боливија, Ево Моралес, формира нова партија
- Поранешниот боливиски претседател Ево Моралес, кој најави дека повторно ќе се кандидира на изборите во август, и покрај одлуката на Уставниот суд дека нема право на нов мандат, објави формирање на новото движење „Ево Пуебло“, откако ја напушти партијата што ја водеше повеќе од 20 години.

Сукре, 1 април 2025 (МИА) - Поранешниот боливиски претседател Ево Моралес, кој најави дека повторно ќе се кандидира на изборите во август, и покрај одлуката на Уставниот суд дека нема право на нов мандат, објави формирање на новото движење „Ево Пуебло“, откако ја напушти партијата што ја водеше повеќе од 20 години.
Сепак, Моралес нема да може да се кандидира преку новата партија, бидејќи таа мора да помине низ долг процес на легална регистрација, кој вклучува собирање најмалку 109.500 членови, или 1,5 отсто од регистрираните гласачи.
Наместо тоа, Моралес планира да се кандидира на изборите на 17 август преку „Фронт за победа“ – мала партија без претставници во боливискиот парламент.
Одлуката за името на новата партија беше одобрена од мнозинството, објави Моралес на социјалните мрежи, по собирот на неговите поддржувачи во Кочабамба, неговото политичко упориште.Моралес ја водеше Боливија три последователни мандати од 2006 до 2019 година и настојува да се врати на власт и покрај одлуката на Уставниот суд од 2024 година, која ја потврди забраната за повеќе од два мандати.
Во ноември минатата година, Уставниот суд го лиши од контролата врз партијата „Движење за социјализам“, која ја основаше и раководеше со неа 26 години, признавајќи ново раководство блиско до актуелниот претседател Луис Арсе. На крајот на февруари, Моралес официјално се откажа од членството во партијата.
Тој го обвини претседателот Арсе, својот поранешен сојузник, дека се обидува да го елиминира од изборната трка.
- Ние ќе победиме на националните избори, затоа тие толку многу се плашат од нас, изјави Моралес пред своите поддржувачи, повторувајќи дека „единствениот кандидат е Ево“.
Моралес е обвинет за злоупотреба на малолетно лице поради негова врска со тинејџерка, а за него е издадена потерница за апсење. Од тогаш, тој останува во Кочабамба, неговото политичко упориште. ссм/
фото: архива