• недела, 22 декември 2024

Поранешниот премиер на Грузија Иванишвили најави враќање во политиката

Поранешниот премиер на Грузија Иванишвили најави враќање во политиката

Тбилиси, 30 декември 2023 (МИА) – Поранешниот премиер на Грузија, милијардерот Бидзина Иванишвили, кој според локалната јавност има големо политичко влијание во Грузија, денеска, во пресрет на парламентарните избори во 2024 година, соопшти дека по двегодишна пауза се враќа на политичката сцена.

Иванишвили, во говор што владејачката партија Грузиски сон го објави на интернет, рече дека се враќа на политичкиот живот во Грузија поради „комплицираната“ геополитичка ситуација и, како што оцени, неуспехот на опозицијата да ја примора владата на одговорност.

Тој рече дека е во редовен контакт со раководството на Грузија, навестувајќи дека како почесен претседател на партијата Грузиски сон би можел да преземе активна улога во претстојната изборна кампања.

Според аналитичарите, се смета дека Иванишвили „ги влече конците“ во грузиската влада и покрај тоа што немаше официјална функција откако поднесе оставка како премиер во 2013 година.

Опозициските партии долго време го обвинуваат Иванишвили, кој своето богатство го стекна во Русија во 1990-тите благодарение на неговата лојалност кон официјална Москва, дека регионот на Јужен Кавказ го гледа како свој двор.

Русија не е популарна меѓу обичните Грузијци бидејќи официјална Москва ги поддржува вооружените сепаратисти во регионите на Абхазија и Јужна Осетија кои сакаат да се отцепат од Грузија.

Партијата Грузиски сон и самиот Иванишвили негираат симпатии кон Русија и тврдат дека се за прием на Грузија во Европската унија и НАТО.

Владата формирана од партијата Грузиски сон минатиот месец успеа да ја постигне својата долгогодишна цел да стане кандидат за членство во ЕУ, иако Брисел го повтори своето барање да се ослободи грузиската политика од олигархија за која се верува дека е поврзана со политичкото влијание на Иванишвили. јт/

Фото: Фејсбук

Остани поврзан