• вторник, 05 ноември 2024

Поранешниот албански претседател, Нишани го нарече Рама адвокат на туѓи интереси

Поранешниот албански претседател, Нишани го нарече Рама адвокат на туѓи интереси
Тирана, 27 декември 2020 (МИА) – Во Албанија продолжуваат реакциите во врска со прашањето за проширување за 12 милји во Јонското Море, откако Грција пред два дена го одобри претседателскиот указ. По низата реакции попладнево тоа го стори и поранешниот албански претседател Бујар Нишани, велејќи дека „предавството има име“, асоцирајќи при тоа на премиерот Еди Рама. Нишани обвини дека Рама станал адвокат за туѓи интереси оправдувајќи се со тоа дека Грција има право да го искористи тоа што и е признаено и додаде дека „поголем и поцрн скандал не може да има“. -Премиерот на Албанија им кажува на Албанците дека проширувањето на морската територија на Грција на 12 милји е право на Грција и дека Албанија нема причина да се жали. Поголем и поцрн скандал, не може да има! Кој е интересот и правото на Грција должност да го каже е на премиерот на Грција. Должност и одговорност на премиерот на Албанија е да го заштити и го каже интересот на Албанија, напиша Нишани на Фејсбук. Тој нагласува дека премиерот на Албанија има должност и одговорност да го штити единствено интересот на Албанија, а не интересот што сериозно и штети на Албанија. -Премиерот на Албанија не само што одбива да го покаже и брани интересот на Албанија, туку уште полошо, тој станува застапник на интересот на другиот, интерес што сериозно го нарушува интересот на Албанија, посочува Нишани. По низата главно партиски реакции, дека премиерот Еди Рама направил национално предавство, синоќа Рама на социјалните мрежи напиша дека морето не ѝ е отстапено на Грција, туку дека „соседната земја ја искористила можноста на правото што и е признаено, исто како што тоа го направила Албанија во 1990 година“.вт/

Остани поврзан