• вторник, 17 декември 2024

Поранешниот албански вице-премиер Арбен Ахметај, за кого СПАК бара апсење, избегал од државата

Поранешниот албански вице-премиер Арбен Ахметај, за кого СПАК бара апсење, избегал од државата

Тирана, 12 јули 2023 (МИА) - Поранешниот албански вице-премиер Арбен Ахметај, за кого Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК, побара одземање на пратеничкиот мандат и негово апсење, не се наоѓа во државата.

Ова на расправата на парламентарна комисијата за мандати и именување ја потврдиле неговите адвокати, додавајќи дека тоа го направил пред неколку дена, дека не знаеле каде е, со која цел и дали некогаш ќе се врати.

-Постојат основи на сомнение дека заминал во Канада, каде ќе бара азил. Неговото заминување е бегство од правдата, потпомогнато од власта, која е потоната во корупција и криминал, рекол тој, запрашувајќи ги надлежните зошто не му го одзеле пасошот и не го ставиле во домашен притвор, обвини Газмен Барди од Демократската партија.

На социјалните мрежи почна да циркулира фотографија на која Ахметај е на преминот Какавија на граница со Грција, која според авторот на фотографијата е направена во петокот (7 јули). Истата ја пренесуваат и албанските медиуми.

Инаку, по комплетирањето на обинението доставен е официјален допис до Собранието за одземање на пратеничкиот мандат што ќе овозможи негово апсење.

Против него се поднесени четири кривични пријави, за злоупотреба на службната положба, пасивна корупција, перење пари и лажно пријавување и прикривање имот. Само во доделување тендери за изградба на објекти за горење отпад добил повеќе од 500 илјади евра, две луксузни вили, скапи патувања.

Ахметај (54) беше еден од најмоќните луѓе во владејачкото социјалистичко мнозинство, најпрво беше министер за финансии, а по катастрофалниот земјотрес што земјата ја погоди во ноември 2019 година беше именуван за вице-премиер за обнова.

ФОТО: Ахметај Фб

 

 

 

Остани поврзан