• недела, 24 ноември 2024

Поранешна помошничка на гувернерот на Њујорк обвинета дека работела како агент на Кина

Поранешна помошничка на гувернерот на Њујорк обвинета дека работела како агент на Кина

Вашингтон, 3 септември 2024 (МИА) – Поранешна заменичка на шеф на кабинетот на гувернерката на Њујорк Кети Хочул е обвинета за неовластено дејствување како странски агент во полза на Кина, користејќи ја својата позиција во власта да промовира агенди на Пекинг и за тоа била платена милиони долари.

Обвинителство во Бруклин ја обвини денеска Линда Сун (41) под осум точки за сторени кривични дела како заговор за работа како незаконски странски агент, измама со визи и заговор за перење пари. Нејзиниот сопруг, Крис Ху, е исто така обвинет за заговор за банкарска измама и перење пари.

Двајцата денеска беа задржани во нивниот дом вреден 4.1 милион долари во Роуд Ајланд во близина на Њујорк, и се очекуваше да се појават пред федерален суд. Адвокатите на Сун и Ху веднаш не одговорија на барањата за коментар.

Сун имала разни работни позиции во администрациите на гувернерот на Њујорк Ендру Куомо и неговата наследничка Хочул, сè додека не била замолена да го напушти работното место лани во март.

Портпаролот на Хочул изјави дека Сун била отпуштена откако државните службеници откриле докази за несоодветни дејствија и веднаш ги пријавиле нејзините постапки кај властите. Обвинителниот акт од 64 страници тврди дека Сун користела шеми кои траеле со години, злоупотребувајќи ги своите државни позиции во корист на Кина.

Федералните обвинители ја обвинија дека го блокирала пристапот на претставниците на Тајван за средби со официјални лица од Њујорк. Пекинг го смета островот кој има своја независна влада како своја територија.

Сун, исто така, наводно испраќала неовластени писма како напишани од официјални лица на Њујорк, за да покани кинеските владини претставници да ја посетат САД. Кинеските претставници ги користеле писмата за да добијат визи, изјавија обвинителите. Според обвинителниот акт, Сун на едно од писмата дури и го фалсификувала потписот на Хочул.

Обвинителите тврдат дека Сун го менувала текстот на високи официјални лица од Њујорк за важни прашања поврзани со Кина. Во еден случај, таа се залагала за отстранување на референцата за задржување на членови на етничката муслиманска заедница Ујгури во Кина од видеопорака што Хочул, тогашната заменичка гувернерка, ја направила за прославата на Лунарната нова година.

Во замена за работата на Сун, нејзиниот сопруг добивал милиони долари преку деловни трансакции во Кина, рекоа обвинителите. Парите биле користени за купување на нивниот дом на Лонг Ајленд, стан на Хаваи и луксузни автомобили, вклучувајќи и најново Ferrari. кб/

Остани поврзан