Поранешна грчка олимписка шампионка жртва на сексуално насилство пред 23 години, молкот го прекинаа и други спортистки
- Поранешната грчка олимписка шампионка во едрење Софиа Бекатору, по 23 години прв пат јавно и отворено проговори дека во 1998 година, на 21- годишна возраст била жртва на сексуално насилство о
Атина, 18 јануари 2021 (МИА) - Му реков „не“, му повторив дека не сакам, а тој, со лажна слаткоречивост ми велеше дека не е ништо, шегувајќи се. Ми рече дека ќе прекине ако не сакам, но не запре, што и да му велев, сведочи поранешната грчка олимписка шампионка во едрење Софиа Бекатору за време на конференцијата „Start to Talk/ Прекини го молкот – Проговори, Не толерирај“, организирана пред неколку дена од надлежното Министерство за спорт.
Бекатору, по 23 години прв пат јавно и отворено проговори дека во 1998 година, на 21-годишна возраст била жртва на сексуално насилство од официјално лице во Грчката едриличарска федерација, што предизвика низа реакции во Грција, низа оставки во федерацијата, поддршка за спортистката, но и го отвори патот и за други спортистки и жени да го прекинат молкот и јавно да проговорат за сексуалното насилство, за сексуалната злоупотреба и сексуалното вознемирување, јави дописничката на МИА од Атина.
-Во еден момент додека разговаравме со Х ме бакна. Јас се замрзнав, не знаев како да реагирам, никогаш не очекував дека ќе направи такво нешто. За мене Х претставуваше татковски модел, го почнува Бекатору нејзиното сведоштво и раскажува дека побарал од неа да отидат во неговата хотелска соба.
Иако рекла дека не сака, успеал да ја убеди, уверувајќи ја дека нема ништо да се случи, туку неговата намера е да разговараат.
-Почна да ме злоупотребува, се обидов да го одбијам, да му покажам дека не постои взаемна желба, сметајќи дека ќе го почитува тоа. Му реков „не“, му повторив дека не сакам, а тој, со лажна слаткоречивост ми велеше дека не е ништо, шегувајќи се. Ми рече дека ќе прекине ако не сакам, но не запре, што и да му велев. Расплакана и засрамена си отидов од неговата соба, откако заврши и се тргна од мене. Се вратив во мојата соба каде што мојата соиграчка спиеше без да знае што се случило. Се избањав, се чувствував валкана, исцрпена, понижена и неспособна да ги одбранам моите права, сведочи Бекатору.
Олимписката шампионка во нејзиното јавно сведоштво, говори за лице Х, без да го открие името на оној кој сексуално ја злоупотребил, но медиумите во Грција пишуваа дека станува збор за Аристидис Адамопулос, потпретседателот на Грчката едриличарска федерација, кој откако беше објавено неговото име си поднесе оставка и преку писмена изјава побара да не го осудуваат без да му се даде можност да се одбрани.
Јавното сведоштво на Бекатору предизвика низа реакции во Грција, поддршка од јавноста и политичарите, а веќе неколку дена е една од главните теми во земјата.
Уште неколку спортистики обвинија сексуално насилство или обид за сексуално вознемирување, а за сведочењата на Бекатору, ќе реагира и обвинителството.
Двајца членови на Грчката едриличарска федерација веќе поднесоа оставки, а Фондацијата „Ставрос Ниархос“ соопшти дека ја замрзнува финансиската поддршка за федерацијата.
Поранешната олимписка шампионка, која на Олимписките игри во 2004 година го освои златниот медал, денеска ќе биде примена од грчката претседателка Катерина Сакеларопулу. ср/