Поранешен претседател на Мексико е обвинет за учество во шема за финансиска измама од милиони долари
Мексико Сити, 7 јули 2022 (МИА) - Мексиканската агенција за борба против перење пари денеска објави дека го обвинила поранешниот претседател Енрике Пења Нието за неговата вмешаност во мултимилионска шема за финансиска измама.
Ова е прво формално обвинение против Пења Нието и покрај широко распространето сомневање за корупција за време на неговиот претседателски мандат од 2012 до 2018 година. Актуелниот претседател на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор, вети дека ќе ја искорени корупцијата, но досега не презел акција против неговиот претходник.
Обвинението на мексиканската служба за финансиско разузнавање сe уште не значи дека обвинителите веќе одлучиле да поднесат какви било формални обвиненија против поранешниот шеф на државата. Директорот на финансиското разузнавање Пабло Гомез рече дека федералните обвинители добиле информации за нелегалните средства и дека истражуваат. Според Гомез, две компании управувани од роднините на Пења Нието добиле владини договори во вредност од половина милијарда долари додека тој бил шеф на државата. Гомез не прецизираше за кои компании станува збор, но рече дека Пења Нието има удел во нив.
По напуштањето на претседателската функција, Енрике Пења Нието се пресели во Шпанија и оттогаш не дава никакви јавни коментари за обвинувањата против него. зш/