• среда, 04 декември 2024

Сиљановска Давкова по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост: Правичната и соодветна застапеност мора да се однесува и на лицата со попреченост

Сиљановска Давкова по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост: Правичната и соодветна застапеност мора да се однесува и на лицата со попреченост

Скопје, 3 декември 2024 (МИА) - Меѓународниот ден на лицата со попреченост нè потсетува на нашата обврска да изградиме општество на еднакви можности, каде поддршката и разбирањето се темел на секојдневната посветеност за интеграција на лицата кои своите способности ги изразуваат на различен, но подеднакво значаен начин, се вели во пораката од претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова по повод 3 Декември - Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Овие личности, се подвлекува, се неразделен дел од раскошниот мозаик на нашето општество.

Со своите уникатни начини на манифестирање на знаењето, енергијата, креативноста и талентот, се посочува во пораката, зрачат непроценлива вредност и додаваат посебна димензија во нашето секојдневие. Нивната видливост и активна вклученост во процесите на одлучување е нужна, оти никој не може подобро и посилно да ги застапува нивните интереси од нив самите.

- Хуманизмот и солидарноста, темелни вредности на уставниот поредок, нè обврзуваат да ги гледаме различностите како извор на сила и прогрес, а не како ограничување. Македонија, како социјална држава, ја втемелува својата визија врз постулатите на еднаквост и правда за сите граѓани. Затоа, правичната и соодветна застапеност мора да се однесува и на лицата со попреченост, вели во пораката претседателката Сиљановска Давкова.

Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, којашто нашата држава ја има потпишано и ратификувано, не е само правен документ, туку и завет за целосна инклузија и активно учество на овие лица во сите сфери на општествениот живот.

Таа порача 3 Декември да биде симбол на надеж и повик за создавање инклузивна заедница, каде секој глас ќе биде слушнат, секое право заштитено, а секоја можност подеднакво достапна за сите.

- Само така, Македонија ќе биде пристојно место за живеење, просперитетна држава и дом на среќни и достоинствени граѓани!, се наведува во пораката од претседателката Сиљановска Давкова Меѓународниот ден на лицата со попреченост. цр/са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан