• вторник, 05 ноември 2024

Порака од Пендаровски по повод Меѓународниот ден на професорите по француски јазик

Порака од Пендаровски по повод Меѓународниот ден на професорите по француски јазик

Скопје, 26 ноември 2020 (МИА) - На јазикот на Молиер се создадени многу капитални дела на човековиот ум и дух. На овој јазик се испратени највредните хуманистички пораки – за слобода, еднаквост и правда, со векови, водечки идеи за правата на човекот и за ослободување и еманципација на народите.

Ова го истакнува претседателот Стево Пендаровски во пораката по повод 26 Ноември - Меѓународниот ден на професорите по француски јазик, што ја упати до професорите, наставниците, научните работници и сите оние кои за своја животна мисија го имаат избрано изучувањето и ширењето на францускиот јазик и култура.  

Оваа година, како што посочува Пендаровски, Меѓународниот ден на професорите по француски јазик го одбележуваме во годината кога славиме половина столетие од формирањето на Меѓународната организација на Франкофонијата, организација вредна за почит, чија мисија е да ги поврзува луѓето и државите кои го почитуваат францускиот јазик.

 - Го одбележуваме и во специфични услови, поради пандемијата со Ковид-19. Но, независно од ограничувањата наметнати од епидемиолошката состојба, со ист ентузијазам како и порано го прославуваме учењето на јазикот кој во себе носи и универзална порака на надеж, солидарност и сплотеност во различностите. Ова е дотолку поважно за нас затоа што и нашето општество е мозаик на јазиците на сите заедници кои живеат заедно во Северна Македонија, истакнува Пендаровски.

Претседателот вели дека нема воопшто дилема дека францускиот јазик и култура кои се изучуваат и во формалното и во неформалното образование кај нас, ќе останат инспирација за откривањето на нови хоризонти на јазично и културно поврзување во светот кој навистина станува се помал, но, во кој богатството на културна и јазична разновидност секогаш ќе биде немерлива вредност. дма/сп/

Остани поврзан