• четврток, 21 ноември 2024

Поради силен дожд искачувањето до Титов врв прекинато кај Вакуфска патека

Поради силен дожд искачувањето до Титов врв прекинато кај Вакуфска патека

Тетово, 27 мај 2024 (МИА) - Традицоналното 42. мајско искачување до Титов врв на Шар Планина во организација на планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово беше прекинато вчера поради лошите временски услови.

Иако над 200 планинари во зимска опрема тргнаа во предвиденото време кон највисокиот врв на Шар Планина,  искачувањето е прекинато кај пределот познат како Вакуф.

-Ова утро беше поинакво од сите други, нè разбуди силниот дожд на Попова Шапка. И покрај обилните врнежи, екипата од ПК „Љуботен“ во 6 часот подготвена ги чекаше гостите кои пристигаа пред платото на хотелот „Попова Шапка“. Сите надежни чекавме да ни се разведри и да тргнеме кон Титов врв.  По половина час, дождот запре и водичите одлучија искачувањето да започне.Околу 200 планинари и вљубеници во природата тргнавме кон Титов врв, но некаде во пределот на Вакуф, дождот се засили и на наша огромна жалост одлуката беше донесена, турата да се прекине.  Сакаме да искажеме огромна благодарност до сите учесници за разбирањето и почитувањето на одлуката донесена од страна на организаторот, инфромираа од ПК „Љуботен“.

Во досегашните 41 искачување до Титов врв, според евиденцијата на клубот, се искачиле 26.705 планинари. Организацијата на оваа планинарска манифестација почнува во 1980 година кога се организира првото тогаш меморијално искачување, по што станува дел од календарот на сите планинарски друштва во тогашна Југославија. ас/мд/

фото: ПК „Љуботен“
 

 

Остани поврзан