• вторник, 24 декември 2024

Поради променливото време и намален имунитет зголемен број на деца кои се лекуваат од респираторни инфекции во кумановската болница

Поради променливото време и намален имунитет зголемен број на деца кои се лекуваат од респираторни инфекции во кумановската болница
Куманово, 22 септември 2022 (МИА) - Зголемен е бројот на деца хоспитализирани на детското одделение во кумановската општа болница како и на децата кои се лекуваат на дневна амбуланта, информираа денеска надлежните од јавната здравствена установа. Децата најчесто се лекуваат од компликации од долнореспираторни инфекции, бронхит, пневмонија, ларингит. Во моментов на одделението хоспитализирани се 15 деца, а скоро ист број на деца од училишна и предучилишна возраст се лекуваат и на дневната болница. - Со падот на температурите и почетокот на учебната година, имаме зголемен број на заболени деца, како помали така и од предучилишна и училишна возраст. Првите симптоми што се појавуваат кај децата обично e покачена телесна температура, зголемена носна секреција, кашлица ретка надразнителна, но потоа следи и длабока кашлица. Оние со полесна клиничка слика се лекуваат кај матичните лекари, оние со потешка кај нас на одделението, изјави началничката на детското одделение, доктор Ферихан Бајрами. Кумановските лекари препорачуваат родителите да обрнат внимание овој период кој се карактеризира со ниски утрински и високи дневни температури да внимаваат на исхраната која треба да е богата со овошје и зеленчук. -Наша препорака како педијатри е поради променливото време да се зајакне имунитетот со збогатена храна со витамини и минерали, повеќе овошје и зеленчук, прошетка. Заболените да не се групираат. Доколку родителите забележат симптоми да ги изолираат децата,  изјави докторка Бајрами, посочувајќи дека на одделението има деца од исти одделенија. Надлежните од детскиот оддел велат дека периодов, за разлика од изминативе месеци, нема деца позитивни на Ковид 19, што беше пракса во летните месеци. Најмалото бебе кое тогаш било заболено имало само две недели. Детското одделение е добро екипирано и може да пружи помош на заболените деца од Куманово и од општините од североисточниот регион, бидејќи има пет специјалисти и двајца специјализанти. ам/сх/

Остани поврзан