• петок, 22 ноември 2024

Попис во пандемија, прв по 19 години, првичните податоци во март

Попис во пандемија, прв по 19 години, првичните податоци во март
Скопје, 8 јануари 2022 (МИА) - По 19 години државата ja спроведе најсложената статистичка операција – Попис на населението, домаќинства и становите. Сериозноста и големината на операцијата само ја покажува тоа што ова е прв попис по многу параметри – прв по речиси две декади, првпат во пандемија, првпат со комбиниран метод, прв на кој се попишува дијаспората и најважно од се, наспроти сите предизвици успешно завршен. Податоците од пописот, кои треба да се објават до крајот на март годинава, ќе бидат основата врз која ќе се носат сите политики во следните десетина години – од инфраструктурни инвестиции, здравствени и образовни политики, до одлуки за странски и домашни бизнис инвестиции. Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во изјава за МИА, вели дека е горд што со успешно спроведениот pопис, покажале дека Државниот завод за статистика е професионална и стручна институција во која работи професионален и стручен кадар, како и дека Република Северна Македонија за 2-3 месеца конечно ќе добие податоци со кои ќе може да го планира идниот развој на државата и да креира политики соодветни на реалната состојба од кои полза ќе имаат сите. - Во текот на целата година нашите напори беа насочени кон конечна реализација на оваа активност истовремено справувајќи се најнапред со пандемијата, а секако и со големиот број на опструкции кои доаѓаа од различни страни – политички повици за бојкот, дебатирања и спротивставени мислења во однос на методологијата и новиот комбиниран начин на спроведување на Пописот. Но, и она што не го очекувавме, а се случи - огромниот број на хакерски напади на самата пописна апликација и на комуникациските канали на Државниот завод за статистика. Сите овие случувања за нас се една огромна лекција – научивме дека со искрена желба за успешна реализација на поставената цел, со посветеност и истрајност може да се надминат сите предизвици и да се покаже дека нашата институција и вработените во неа се, всушност, една успешна приказна од која сите можат да научат нешто, вели Симовски. За тоа кога ќе можеме да кажеме дека пописот е завршен, Симовски вели дека на 30 септември 2021 година заврши теренскиот дел од Пописот, а веќе од 1 октомври започна следната фаза – обработката на податоците и дека тој ќе заврши со објавувањето на последниот сет од предвидените податоци за објавување и доставувањето на податоците во Евростат заради меѓународна споредба. -  Засега сè се одвива според планот. Тимовите кои се задолжени за одредени фази од обработката работат со утврдената динамика, не се пријавени никакви пречки и застои, така што веруваме дека ќе го испочитуваме законскиот рок и до крајот на март 2022 година ќе го објавиме првиот сет на долгоочекуваните податоци од Пописот. Треба да се има предвид дека овој Попис се спроведе со нов комбиниран метод, така што и самата обработка е нешто ново за нас. Но, со меѓународна експертска помош и со проучување на најновите технички решенија во оваа област, успешно ќе ја постигнеме целта, а тоа се квалитетни и максимално веродостојни податоци кои ќе послужат за креирање на иднината на земјата, но и на секој еден од нас, посочува Симовски. Во однос на предизиците и научените лекции од Пописот 2021, Симовски посочува дека научиле многу, но и дека поголемиот дел од лекциите ги научиле на потешкиот начин, но успешно ги совладале и тие ќе бидат патоказ при планирањето на натамошната работа. - Во денешново современо општество каде што информатичките технологии и достигнувања се унапредуваат секојдневно, речиси е невозможно да предвидите што сè може да се случи и што може да тргне наопаку, но преку Пописот научивме дека со добра организација и навремена реакција можат да се надминат и тие неочекувани пречки и предизвици. Научивме дека посветеноста и професионалноста се основните предуслови за успешна реализација на која било поставена цел, истакнува Симовски. Научивме, вели тој, дека колку и да се подготвувате, колку и да се обидувате да ги предвидите сите можни ризици, речиси е невозможно да предвидите сè и да се заштитите од сè. -  Ова се однесува особено на хакерските напади што ни се случија веднаш по успешниот старт на попишувањето. Овде ќе ја потенцирам сесрдната помош на неколку институции кои се ставија целосно во функција на надминување на овие проблеми и непречено одвивање на целиот процес и кои ни помогнаа, на крајот, Пописот да биде успешен. Тоа се Македонски Телеком, Одделението за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи, независни експерти, кои сите заедно се погрижија за зголемување на заштитата на пописната апликација, серверите и комуникациските канали на Државниот завод за статистика и на тој начин и тие станаа дел од оваа успешна приказна, нагласува Симовски. Хронологија на настани и активности за Пописот 2021 21 јануари 2021 - Собранието со 62 гласа „за“, без „воздржани“ и без „против“ го донесе Законот за попис на населението, домаќинства и становите во Република Северна Македонија во 2021, што треба да се спроведе од 1 до 21 април 2021. 29 јануари 2021 - Средба на државниот врв и директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, со градоначалниците и секретарите на општините за спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите. 6 февруари 2021 - Објавена Методологијата за спроведување на Пописот 2021. 20 февруари 2021 - Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ започна иницијатива за собирање потписи со цел поништување на Законот за попис, под мотото „Стави го својот потпис за вистински попис“. 23 февруари 2021 - Државниот завод за статистика објави јавен Конкурс за ангажирање реонски попишувачи и реонски инструктори за Пописот 2021. 24 февруари 2021 - Националниот блок „Не отворам врата“ до Уставниот суд поднесе Иницијатива за уставна оценка на одредби од Законот за попис. 1 март 2021 - Почна процесот на самопишување на дијаспората преку онлајн апликација. 2 март 2021 – На предлог на Комисијата за заразни болести, донесен е Протокол за превентивни мерки при спроведување на Пописот. 5 март 2021 - Под слоганот „Тука живеам, одлучувам, постојам“ започа кампањата за Пописот на Државниот завод за статистика. 15 март 2021 – Заврши процесот на попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и членовите на нивните семејства, припадници на АРМ во странство, како и македонските граѓани кои престојуваат во странство поради работа или други причини подолго од 12 месеци. 25 март 2021 – Завршен е пописот на бездомните лица и затворениците. 29 март 2021 – Претседателите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицкоски на лидерска средба договорија одложување на пописот за септември. 2 април 2021 - Собранието со 95 гласа „за“ и 12 „против“ го донесе по скратена постапка Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за попис со што пописот и формално беше одложен за 5 до 30 септември. 20 јули 2021 – Државниот завод за статистика објави Конкурс за избор на реонски попишувачи и инструктори за претстојниот попис. 26 август 2021 – ДЗР објави дека целосно се завршени подготвителните активности за Пописот. 5 септември 2021 - Во 50 пописни реони низ државата почна Пописот на населението, домаќинствата и становите. 30 септември 2021 – Со затворање на апликациите за попишување во земјата и за самопопишување на дијаспората во 20 часот, завршија пописните активности во рамки на Пописот. Попишани се 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 станови, додека во дијаспората се самопопишале 204.805 македоински државјани. 20 октомври 2021 – Извештајот на ЕК за земјава оценува дека е остварен добар напредок, особено во подготовката и спроведувањето на Пописот 2021, прв пат од 2002 година. Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на КОВИД-пандемија, соглано нова методологија на ЕВРОСТАТ и првпат со комбиниран модел - освен прибирање податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од т.н. претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата. Пописот ќе обезбеди податоци за три категории на население и тоа: вкупно резидентно население, вкупно нерезидентно население и вкупно попишано население - категорија која ги опфаќа претходните две категории население. Според утврдената методологија за пописот се користеа претпописни бази на податоци, и тоа од МВР - базата на државјани, од МИОА - регистарот на население, од МОН – за запишаните ученици, од МТСП - за лицата корисници на права на социјални примања, од Агенцијата за вработување - за економската активност на лицата, од УЈП - за лицата кои имаат примања и за кои се исплаќа персонален данок на доход, од ПИОМ - за примателите на пензија по сите основи, од Управата за водење на матични книги - за родените, умрените и венчаните лица, од Агенцијата за катастар на недвижности - за недвижностите и нивните движења, како и од Државниот завод за статистика - податоци од статистичките истражувања за виталните настани и од Статистичкиот деловен регистар. За тоа дали е можен попис целосно базиран на регистри, Симовски во изјава за МИА, вели дека постојат предуслови кои мора да бидат задоволени за да може да се спроведе таков Попис, а најважен предуслов е државата да има добар Адресен регистар. - Агенцијата за катастар има изготвено адресни податоци за секој објект наменет за живеење, но, за жал, само на хартија и е потребно сето тоа да се имплементира на терен, што е прилично сложена и скапа операција која бара и многу време. Дури и кога оваа имплементација ќе се заврши, потребно е нашите граѓани да извршат ажурирање на сите свои документи согласно со новите адресни податоци. Понатаму, клучно е  да постои добра база на информации за миграциските движења, како во рамките на земјата, така и на меѓународните миграции, псосчува Симовски. Децении наназад, според него, миграциите на населението се клучен проблем во нашата земја. - Одењето на гурбет во други, економски подобростоечки земји, е карактеристика на овој регион уште од крајот на 18-тиот век. За жал, и денес, кога движењето на луѓето е многукратко олеснато, иселувањето на нашите граѓани не само што не запира, туку добива во интензитет. Се иселуваат главно млади луѓе, кои треба да го носат како економскиот, така и демографскиот развој на земјата. За жал, евиденцијата на овие иселувања речиси целосно изостанува, а е еден од клучните елементи за дефинирањето на населението во земјата. Проблем е и што нашите граѓани кои го менуваат своето место на живеење во рамките на државата, и покрај законската обврска, или воопшто не ги менуваат своите лични документи согласно со новите адреси, или тоа го прават со големо задоцнување (кога треба да остварат некакво право). Клучно за Пописот е да обезбеди податоци за територијалниот распоред на населението, нагласува Симовски. Во пандемиската 2021 година, освен Северна Македонија, попис спроведоа и Бугарија и Хрватска. Во регионов, Србија, Албанија, Косово и Црна Гора планираат попис на населението во 2022, додека Босна и Херцеговина се подготвува за попис во 2023 година. Хрватска, прв пат реализира попис на населението по електронски пат и тоа, во две фази. Во првата фаза, од 13 до 26 септември се спроведе самопопишување на граѓаните преку електронска апликација „е-Граѓани“, додека во втората фаза од 27 септември до 17 октомври, попсиот се спроведе на терен, преку „класично“ попишување на граѓаните кои не се самопопишале во првата фаза. Бугарија, првично планираниот попис за јануари и февруари 2021 година, поради пандемијата од 7 септември спроведе електронски попис на населението, а од 18 септември до 3 октомври и теренски попис. На територијата на земјава, според податоците на Заводот за статистика, првите попишувања се јавуваат во 15 век, кога турските власти ги попишувале само даночните глави и машкото население, а првиот современ попис е спроведен во 1921 година. По Втората светска војна се спроведени осум пописи: 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година. Пописот во 1991 година бил со нецелосен опфат и затоа во 1994 година повторно е спроведен попис во истата декада. Пописот во 1994 година е прв попис по осомастојувањето. Според пописот во 2002 година во земјава бројот на населението изнесувало 2.022.547, имало 564.296 домаќинства и 698.143 станови. Во 2011 година почна да се реализира ваква статистичка операција, но, таа беше прекината.  Александар Атанасов

Остани поврзан