• недела, 22 декември 2024

Пониски цени на 73 прехранбени производи до 31 октомври

Пониски цени на 73 прехранбени производи до 31 октомври

Скопје, 21 септември 2024 (МИА) -  Цените на 73 прехранбени производи  до 31 октомври годинава се очекува да бидат пониски, откако Владата вчера ја објави есенската потрошувачка кошница и усвои Одлука за ограничување на бруто профитна маржа на дел од основните прехранбени производи до 10 проценти во трговијата на големо и на мало.

На листата на основни прехранбени производи во т.н есенска кошница се вклучени производи кои се најзастапени во потрошувачката кошница на граѓаните.  Производите вклучени во есенската кошница на полиците, фрижидерите и разладните уреди, треба јасно да бидат обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“. Трговците на големо и трговците на мало ќе имаат обврска  да  ги прибавуваат и продаваат во месечни количини од најмалку 70 проценти од прибавените количини во август годинава од овие производи на листата.

 Одлуката е донесена врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, за индекс на трошоци за живот, кои покажуваат дека споредено август 2024 година, со декември 2023 година, евидентирано е зголемување на трошоците за храна за 4 проценти. 

-Согласно податоците, во консултација со работната група која беше формирана од претставници од министерствата за економија и труд,  за финансии и за земјоделство, сметаме дека ваквото зголемување на трошоците за храна и безалкохолни пијалоци е прекумерно и несразмерно во однос на растот на трошоците за набавка и оперативните трошоци кои трговците ги имаат. Нашите проценки се дека со стапување во сила на оваа одлука трошоците за храна и безалкохолни пијалоци ќе се намалат во просек за околу 10 проценти, со што ќе се намалат и трошоците за живот во потрошувачката кошница за групата храна и пијалоци,  рече вчера на прес-конференција  во Владата министерот за економија Бесар Дурмиши.

 Одлуката ќе биде во сила до 31 октомври, а  евентуалното повторно енормно поскапување на производите опфатени со неа, според Дурмиши ќе се спречи со Законот за забрана на нефер трговски практики.

- На крајот на месецов ќе стапи во сила Законот за нефер трговски практики, добавувачите и купувачите ќе се усогласат во однос на рабатот и дополнителните трошоци, значи ќе се ограничи маржата за 10 проценти кај овие добавувачи и купувачи, со цел цената на 2458 производи што ќе ги опфаќа таа листа,  да бидат на крај намалени за граѓаните. Сите одлуки што ги донесовме се во интерес на нашите граѓани, рече Дурмиши, на новинарско прашање.

Владата најави дека ќе има и божиќна кошница, рамазанска кошница, велигденска кошница со ограничено време на траење пред и за време на празниците кога вообичаено се зголемуваат цените на основните прехранбени производи, со цел да се заштити стандардот на граѓаните.

-Во иднина ќе има и други кошници кога граѓаните имаат најголема потреба да купуваат основни производи, во одредени периоди. Ние поставуваме маржа со која се ограничува профитот  кога знаеме дека трговците генерално ги покачуваат цените. Работната група која е формирана од министерствата за економија и труд, за финансии, и за земјоделство, направија анализа и ја донесоа оваа мерка. За сите следни анализи ќе достават предлог кај нас за да го  доставиме  до Владата и ќе бидете навреме информирани. Како што го донесовме овој предлог  и го изгласавме на седница на Владата, ако во консултација со трговците производителите  и стопанските комори видиме дека тие предлози не се соодветни или не донесуваат добро на граѓаните и  економијата, ќе ги смениме, рече Дурмиши на новинарсо прашање. 

Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ)  во пресрет на објавата на владината одлука рекоа дека очекуваат благо зголемување на минималната синдикална кошничка што ќе биде објавена во понеделник или вторник идната недела. Тоа, според претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ќе биде црвен аларм за креаторите на политиките и за работодавачите во приватниот сектор, дека „раст на платите е потребен вчера, бидејќи денес е веќе доцна“.

Трендафилов  оцени дека е добро се што се прави во интерес на работниците, посебно во насока на намалување на цените.

- Овој тренд треба да продолжи за да им се помогне на граѓаните и работниците да можат да набават основни прехранбени производи. Ние денес плаќаме зеленчук како да сме јануари и овошје како да сме сред зима, нешто што не е оправдано, рече Трендафилов. 

Како што соопшти, според податоците голема  е веројатноста минималната синдикална кошничка да биде со благо зголемување, имајќи во предвид дека од почетокот на годинава се зголеми за 4 600 денари.

Ние, за жал, не сме вклучени во подготовката на владинит кошнички за ограничување на цените и маржите. ССМ смета дека е добра идеја се што се прави во интерес на работниците во насока на намалување на цените, но таа ќе треба да се спроведе во целост како што е планирана. Се надеваме дека делот на храна и пијалаци што го пресметуваме како ССМ и изнесува 22 300 денари за минатиот месец во синдикалната кошница ќе биде појдовна основа за утврдување на оние 100 производи за кои ќе треба да бидат ограничени маржите за да им се помогне на најранливите граѓани, рече претседателот на ССМ.

Опозициската СДСМ, пак, оцени дека мерките на Владата  се задоцнети и нема да имаат ефект врз цените и стандардот на граѓаните.

-За жал, по најавената мерка на Владата дека се замрзнуваат маржите на само 73 производи, граѓаните не треба да очекуваат некаков ефект.  Оваа мерка е калкулантска политика на Владата колку да замачкаат очи дека нешто направиле под притисок на јавноста. Сега е повеќе од јасно зошто со недели Мицкоски чекаше со намалување на цените на производите. Целта била да се најде решение колку да го има и тоа е во интерес на трговците, а не во интерес на граѓаните ниту нешто посебно ќе им помогне, соопшти СДСМ. 

Во август годнава најголемо зголемување на цените имаше кај овошјето од 10,9 проценти, кај млекото, сирењето и јајцата од 6,6 проценти, кај зеленчукот од 3,9 проценти, кај месото од 3,6 проценти, и  кај лебот и жита од 2 проценти. За истиот период, трошоците за безалкохолни пијалоци се зголемени за 9,4 проценти, од кои кај минералната вода, безалкохолните пијалоци, соковите од овошје и зеленчук зголемувањето е од 11,1 процент, додека кај кафе, чај и какао зголемувањето е од 7,7 проценти. 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, како што објави ДЗС вчера, во јули годинава изнесувала 40 961 денар и е за 2,9 отсто повисока од истиот месец лани. 

Во листата на производи со ограничена профитна маржа спаѓаат: 
- ориз бел во пакување од 900г до 1кг;
-брашно пченично, тип 400 во пакување од 1кг до 2кг;
-бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450г (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;
-печени пекарски производи (ѓеврек обичен, бурек со месо и сирење, баничка со месо и сирење, симит погача и лисната кифла, обична и со сирење);
-бисквити, "Petit Beure" и бисквити обични од 300гр до 500 гр;
-тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица без и со јајца од 500 гр (без додатоци).;
-масло за јадење од сончоглед, во пакување од 1 литар;
-месо, јунешко, без коски, од бут или некој друг дел;
-месо, свинско, без коски, од бут или некој друг дел;
-пиле (свежо и замрзнато) цело;
-пилешки стек (свеж и замрзнат);
-салама, шункова во пакување од 300гр до 800гр (без слајс пакување);
-чаен колбас, од свинско месо (без додатоци и без слајс пакување);
-чаен колбас, од говедско месо (без додатоци и без слајс пакување);
-пилешка посебна саламa во пакување од 300гр до 800гр  (без слајс пакување);
-паштета од џигер или пилешка (кокошја), (без додатоци) во пакување од 95гр и 100 гр.;
-замрзната риба  Ослиќ;
-трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост 2,8 проценти, 3,2 проценти и 3,5 проценти во пакување од 1 литар;
-јогурт од кравјо млеко обичен, без додатоци, со масленост од 2,8 проценти до 3,2 проценти  во пакување од 1 литар;
-кисело кравјо млеко (обично без додатоци) со масленост од 2,8 проценти и 3,2  порценти во пакување од 400гр до 500 гр;
-павлака од кравјо млеко, кисела со масленост од  од 12 проценти до 20 порценти во пакување од 180гр до 400 гр;
-урда;
-традиционално кравјо бело сирење (без додатоци);
-традиционално мешано бело сирење (без додатоци);
-традиционален кравји кашкавал (без додатоци);
-традиционален мешан кашкавал (без додатоци);
-свежи јајца од кокошка, пакување 1/10;
-масло ,(путер), индустриски произведен (пакување од 250 гр.);
-маргарин, (обичен), пакуван од 250 гр;
-јаболка;
-праски;
-грозје трпезно;
-лимони;
-портокали;
-банани;
-исчистени ореви;
-грав;
-кромид;
-компир;
-морков;
-спанаќ;
-зелка;
-краставици;
-корнишони;
-лук;
-тиквици;
-боранија;
-домат;
-пиперки;
-карфиол;
-тиква;
-модар патлиџан;
-леќа;
-магдонос;
-брокула;
-праз;
-зеленчук замрзнат (мешавина) во фолија од 450 гр;
-зеленчук замрзнат од  пченка, во фолија од 450 гр;
-зеленчук замрзнат од грашок, во фолија од 450 гр;
-боранија замрзната, во фолија од 450 гр;
-маслинки, црни;
-грашок конзервиран во пакување од 400гр;
-ајвар од печени пиперки, тегла до 660 гр;
-краставички, конзервирани, тегла до 720 гр;
-печурки маринирани (сецкани), тегла до 720 гр;
-шеќер кристал бел;
-џем и мармалад;
-чоколадо млечно обично, во пакување од 100 гр;
-кечап;
-мајонез во тегла од 660 гр;
-зачин (вегета, зачинал и слично);
-кафе пржено мелено пакувано од 200гр;
-сок кашест (матен) овошен од разно овошје во тетрапак од 1 литар.

лв/бак/

фото: МИА, Влада, 

 

 

Остани поврзан