• петок, 22 ноември 2024

Полска мора да му плати отштета на Лех Валенса поради политизирано судство, пресуди ЕСЧП

Полска мора да му плати отштета на Лех Валенса поради политизирано судство, пресуди ЕСЧП

Варшава, 23 ноември 2023 (МИА) - Полска мора да му плати отштета на поранешниот водач на полското движење на отпорот против комунистичкиот режим, подоцна првиот слободно избран претседател на Полска, Лех Валенса, за фактот што нејзиното политизирано судство му ги погази основните права, пресуди Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП).

Валенса ја тужеше Полска во Стразбур затоа што Врховниот суд на Полска, со нов правен лек, вонредна жалба поднесена од јавниот обвинител и министер за правда Збигњев Жобро, по десет години ја поништи конечната пресуда на Апелациониот суд во Гдањск од 2011 година, според која поранешниот дисидент Кшиштоф Вишковски го наклеветил Валенса дека соработувал со комунистичката тајна служба под псевдонимот Болек.

Европскиот суд за човекови права пресуди дека правото на Валенса на приватност и углед, правото на правично судење, било повредено двапати, прво затоа што, по судската реформа во 2017 година, во Врховниот суд има судии кои се избрани од политизираниот Национален судски совет и дека не е гарантирана нивната независност од желбата на владејачките партии. Вториот пат е затоа што во случајот на Валенса е употребена нова вонредна жалба која може да ги поништи правосилните пресуди доколку се наводно неправедни.

-Повредата на Европската конвенција за човекови права настана поради меѓусебно поврзани системски проблеми на неправилно функционирање на законодавството и спроведувањето во пракса во законодавната, извршната и судската власт и принципот на независност на судовите во Полска, одлучи Европскиот суд.

Покрај тоа што Полска мора да плати 30 илјади евра на Валенса, судот во Стразбур и наложи на Полска да престане со систематско кршење на Европската конвенција за човекови права. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан