• сабота, 23 ноември 2024

Половина од сите миграции во земјава се кон Скопскиот регион

Половина од сите миграции во земјава се кон Скопскиот регион
Скопје, 11 октомври 2022 (МИА) – Речиси половина од сите миграции во земјава се кон Скопскиот регион – каде според податоците од Пописот 2021 живеат 48 проценти од сите доселени од друга општина во земјава и 45 отсто од сите доселени од друга држава. Во Скопје секој петти доселен од внатрешноста на земјава е во Општина Аеродром, додека речиси 70 проценти се во една од четирите општини – Аеродром, Гази Баба, Карпош или Кисела Вода. Внатрешните миграции, освен во главниот град, генерално се насочени кон поголемите градови во даден регион, па така во Битола живеат 6,1 отсто, Штип – 3,5 проценти, Охрид – 3,3 отсто, Куманово – 3,1 проценти, Струмица – 2,9 отсто, Тетово – 2,8 проценти и Велес и Прилеп по – 2,6 отсто. Ова го покажува последниот сет податоци од Попис 2021 објавени од Државниот завод за статистика, а кои се однесуваат на брачниот статус на населението, бројот на живородени деца и миграциите внатре во државата. Над една третина од доселените се во Скопје, втор е Битола со над 13 илјади На Пописот 2021 година над 80 проценти од вкупното резидентно население изјавиле дека не се селеле (автохтоно население), додека 214 718 граѓани или 11,7 отсто се доселиле во местото на вообичаено живеење. Најголемиот дел од доселените лица се во главниот град Скопје – над една третина или 35 отсто. Од нив една петтина 15 559 се доселени во Општина Аеродром. Над две третини од вкупно доселените се во четири општини во главниот град - Аеродром, Карпош, Гази Баба и Кисела Вода. Најмалку доселени низ скопските општини има во Шуто Оризари – 368 лица, Сарај – 1 331 и Чаир – 2 163. По градови, по Скопје следува Битола со над 13 илјади доселени лица или нешто над 6 проценти и Тетово, Прилеп, Штип, Охрид и Струмица со по околу 6,5 илјади доселени лица. По региони над 40 проценти од доселените лица се во Скопскиот Регион, а најмалку во Североисточниот Регион – 9 361 лице или нешто над четири отсто. Втор по бројот на доселени лица е Пелагониски Регион со над 29 илјади или околу 13,5 проценти и Источниот Регион со над 24 илјади или 11,5 отсто. Скоро секој седми доселен е од странство, а еден од десет жители е роден во друга држава Според местото на раѓање, 90 проценти од вкупното резидентно население се родени во Република Северна Македонија. Најголемиот дел од доселените лица -  над 130 илјади или 60 проценти се доселени од друга општина, околу 51 илјада или 28 проценти се доселени од место во истата општина, а околу 15 проценти или над 33 илјади се доселени од друга држава. Од доселените од други држави во Скопје, повторно најголемиот дел или околу 20 проценти се во Општина Аеродром, потоа следува Карпош – 17 отсто, Центар – 12 проценти, Кисела Вода – 11 отсто, и по десет проценти во Гази Баба и Ѓорче Петров. По градови, освен во Скопје, најголемиот дел од доселените од други држави се во Битола, Куманово и Тетово со по околу 5 отсто, по околу 3 проценти во Охрид и Прилеп, и во Струга, Велес и Штип по околу 2,5 проценти. Александар Атанасов

Остани поврзан