• сабота, 23 ноември 2024

Полињата во Кочанско во пламен, пожарникарите со зголемен број интервенции

Полињата во Кочанско во пламен, пожарникарите со зголемен број интервенции
Кочани, 19 јануари 2022 (МИА) – Територијалната противпожарна единица од Кочани во последните два дена интервенира и по десетина пати дневно за гаснење пожари на отворен простор, предизвикани од палењето на стрништата во нивите. Целата единица со сите возила и персонал постојано е на терен во полскиот регион и е оневозможена да интервенира на објекти во урбаните средини, поради што упатен е јавен апел до земјоделците да не ја палат сламата и остатоците од есенската жетва на житните култури. -Само вчера имавме четири интервенции во исто време на земјоделски парцели на различни локации и се соочивме со силен оган предизвикан од запалени стрништа. Пожарите, помогнати од ветерот, брзо се проширија на поголема површина и беа општа опасност за куќите и помошните објекти во селата Прибачево, Грдовци, Мојанци и Кучичино. Додека нашите екипи беа во полето, добивме повик за интервенција на пожари во викендичка во Кучичино и во куќа на улицата „4 Македонска бригада“ во градското подрачје на Кочани. Со наточовечки напори успеавме ситуацијата да ја ставиме под контрола на сите места, но масовното палење на стрништата мора да запре. Во спротивно, неодговорноста на земјоделците ќе ја загрози безбедноста и на луѓето и на материјалните добра, а ја нарушува и животната средина, истакна Владо Јефтимов, заменик командир на ТППЕ – Кочани. Во гаснењето на пожарите помагаат и волонтерите од Доброволното противпожарно друштво од Кочани, кои заедно со професионалните пожарникари упатија апел за совесно и одговорно однесување и да не се палат жетвените остатоци во полето. Исто така, ги потсетуваат граѓаните во своите домаќинства внимателно да управуваат со грејните тела, поради тоа што се најчести причинители на пожари во затворени објекти во овој период. та/цр

Остани поврзан