• сабота, 23 ноември 2024

Полицијата и комунални редари ќе ја контролираат продажбата на добиток за Курбан бајрам во Гостивар

Полицијата и комунални редари ќе ја контролираат продажбата на добиток за Курбан бајрам во Гостивар
Гостивар, 16 јули 2021 (МИА) - Во пресрет на претстојниот празник Курбан Бајрам, полицијата и локалната самоуправа ќе преземат повеќе активности за да се овозможи безбедна продажба на добиток. Покрај почитувањето на законските мерки за продажба на животни и за заштита од ширење на коронавирусот Ковид-19, особено ќе се контролира и санкционира колењето на јавни површини и продажбата „на црно“. Од СВР Тетово информираа дека во содејство со инспекциски и други надлежни институции и служби деновиве се реализираа повеќе работни состаноци со сточари и трговци од овој регион. Целта на овие превентивно-информативни активности е да се спречат несакани појави кои можат негативно да се одразат врз општите санитарни и здравствени состојби на подрачјето. - На овие средби ќе им се укаже на потребата пред и за време на празникот доследно да ги применуваат и почитуваат сите законски мерки од оваа сфера, вклучително и мерките за заштита од ширење на коронавирусот. Особено ќе им се обрне внимание на почитување на законските прописи со кои е забранета продажбата на животни без валидна документација и нивно колење на јавни површини, наведуваат од СВР Тетово. За претстојниот празник, од општина Гостивар дека се вршат дополнителни подготовки за да се овозможат потребните услови за продажба на добиток. Од таму нагласуваат дека во соработка со претпријатието „Прогрес пазари“, е определна локација за продажба на бајрамските курбани. - За оваа намена одреден е сточниот пазар во населба „Фазанерија“ со што ќе се зачува чистотата и ќе има поголем ред во продажбата. Сточарите, оваа локација може да ја користат без надоместок, а продажбата на курбани вон назначената локација е строго забранета, нагласуваат од општина Гостивар. За да се помине според планираното, комуналниот инспекторат ќе биде активен на теренот и ќе преземе соодветни мерки против прекршителите на законот за јавна чистота. Заради празникот, втроник како традционален пазарен ден во Гостивар, големиот пазар ќе биде затворен, а продажба ќе се организра ден претходно. Од полицијата најавуваат дека покрај контролите, планирано е, засилено сообраќајно да се покриваат и регулираат сите приоди кон добиточните пазари, на кои ќе се продаваат и купуваат животни. Тоа, како што посочуваат од СВР Тетово е редовна празнична практика на тетовско-гостиварското подрачје. Локалната муфтинија изминативе четири години воведе ред и од верниците бара колењето на добитокот и распределбата на месото се врши во строго контролирани услови. Според најавите така ќе биде и оваа година. Во Гостиварско, пред Курбан Бајрам, кој оваа година е во вторник (20 јули) се продава ситен и крупен добиток како дел од прославата и одбележувањето на овој муслимански празник. згм/цр

Остани поврзан