• сабота, 16 ноември 2024

Полицијата ги уапси осудените пратеници на полската опозиција кои беа кај Дуда

Полицијата ги уапси осудените пратеници на полската опозиција кои беа кај Дуда

Варшава, 9 јануари 2024 (МИА) – Полицијата вечерва влезе во Претседателската палата во Варшава додека претседателот Анджеј Дуда не беше таму и уапси двајца законски осудени пратеници и министри од претходната влада кои од утрото се криеја во домот на претседателот за да избегнат да бидат одведени во затвор.

- Сите се еднакви пред законот, изјави министерот за внатрешни работи Марќин Кервињски.

Варшавската полиција потврди дека влегла во кабинетот на шефот на државата и го привела поранешниот министер во претходната влада на партијата Право и Правда Мариуш Камињски и неговиот заменик Мачеј Воншик со кои Дуда се сликал.

И двајцата беа осудени од Окружниот суд во Варшава на 20 декември минатата година на две години затвор за злоупотреба на службена положба, фалсификување документи и прислушување без судска дозвола.

Тие го направиле тоа додека раководеле со Централната канцеларија за борба против корупцијата за време на првата влада на лидерот на Права и тогашниот премиер Јарослав Качињски, во операција која требаше да го отстрани коалицискиот партнер на Качински Анджеј Лепер со докази за корупција.

Тие беа осудени уште во 2015 година, но беа помилувани од претседателот Анджеј Дуда пред пресудата да биде правосилна. По неколку години Врховниот суд на Полска пресуди дека претседателот мора да почека правосилност на пресудата според Уставот, а неговото помилување е ништовно, што го обнови судењето.

Опозициската партија Право и Правда, која владееше со Полска осум години до изборите на 15 октомври минатата година, како и претседателот Анджеј Дуда, кој исто така е од редовите на конзервативците на Качињски, не ја признаваат таа одлука на Врховниот суд како и правосилната пресуда на судот во Варшава и казната од две години затвор со губење на правото на глас, а со тоа и пратеничкиот мандат.

Полскиот премиер Доналд Туск, како и полицијата, денеска го предупредија претседателот Анджеј Дуда дека затворски казни им се закануваат на оние кои им помагаат на законски осудените да се скријат од затворските казни.

- Ме вознемирува што шефот на државата се вклучи во помагањето на луѓето кои го прекршија законот. Господине претседателе, престанете со овој опасен театар! Тоа го саботира Уставот, што е недозволиво!, рече Туск на прес-конференција.

Претставниците на Право и правда вечерва зборуваат за „државен удар“ на премиерот Туск и ги собраа своите поддржувачи пред Претседателската палата, а најавија голем протест во Варшава за четврток, 11 јануари. јт/

Фото: Официјална страница на полскиот претседател

Остани поврзан