• вторник, 24 декември 2024

Политички реакции во Грција за најавената оставка на Заев

Политички реакции во Грција за најавената оставка на Заев
Атина, 1 ноември 2021 (МИА) – По најавената оставка на премиерот Зоран Заев, официјална Атина, иако не ги коментира внатрешните случувања, порачува дека државите имаат континуитет и се обврзани од потпишаните договори, а евентуалната промена на ставот би создала проблеми на патот на Северна Македонија кон ЕУ, додека пак членови на опозициската СИРИЗА упатуваат критики за ставот на актуелната грчка Влада и ја истакнуваат важноста на Договорот од Преспа, јави дописничката на МИА од Атина. На денешниот редовен брифинг со новинарите портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, во однос на тоа дали оставката ќе влијае врз спроведувањето на Договорот од Преспа, рече дека државите се обврзани од потпишаните договори. -Владата, очигледно е дека не ги коментира внатрешните случувања во други држави, ниту во Северна Македонија. Јасно е дека државите имаат континуитет и во рамките на овој континуитет се обврзани од договорите што ги имаат потпишано, рече Иконому. Алтернативниот министер за надворешни работи на Грција Милтиадис Варвициотис во интервју за радиото „Параполитика“ рече дека евентуалните промени во Северна Македонија се однесуваат и на Грција поради Договорот од Преспа, а евентуалната промена на ставот би создало проблеми за европската перспектива на земјата. -Ако има владина промена ова сигурно ќе донесе голем притисок врз Договорот, врз правилното спроведување на Договорот од Преспа што е прашање за нас. Но, сметам дека ќе создаде повеќекратни проблеми за самата Северна Македонија во врска со нејзиниот европски тек. Секако, од моментот кога целото европско раководство се обидува да ја убеди Бугарија да се договори со Северна Македонија и ова го видовме многу интензивно на Самитот во Брдо, во Словенија, ако видиме промена на ставот на Северна Македонија значи дека нема да се спроведат одлуките за проширување со Западен Балкан, рече Варвициотис. Со став за оставката на Заев, преку социјалните мрежи се огласија и претставници на опозициската СИРИЗА. Потпретседателот на Европскиот парламент и шеф на европратеничката група на СИРИЗА, Димитрис Пападимулис на Твитер напиша дека „по Грција, конзервативизмот и национализмот освојуваат терен и во Северна Македонија“, а „Ципрас и Заев испишаа историја со историскиот Договор од Преспа, дури иако ги загубија изборите“. -Мицотакис водеше евтин квази патриотизам против Договорот од Преспа. Заедно со националистите на ВМРО кои го сметаат Заев за предавник бидејќи го прифати „Северна Македонија“. Оставката на Заев ги зајакнува истомислениците на НД, напиша Пападимулис. Пратеникот од СИРИЗА Костас Захариадис на Фејсбук коментираше дека „Грција уште не ги има ратификувано меморандумите за соработка со Северна Македонија“ и „сега ќе разговараме со националистите од ВМРО“. Меморандумите ги споменува и одговорната за меѓународни и европски работи во политичкиот Секретаријат на СИРИЗА Рања Свигу, која на Твитер пишува дека клучно е да се поддржи ЕУ перспективата на Северна Македонија, како и Договорот од Преспа. -Оставката на Заев е непријатен развој на настаните. Поклучно од кога било за мирот и стабилноста во регионот е активно да се поддржи Договорот од Преспа и пристапната перспектива на Западен Балкан, особено на Северна Македонија. Заробена во барањата на нејзиното националистичко крило и плашејќи се дека ќе биде под притисок да преземе чекори како што е ратификацијата на трите меморандуми, Владата не обезбеди спроведување на договорот во важни области (на пр. учебниците во Северна Македонија). Денес мора јасно да им стави до знаење на нашите партнери дека на Западен Балкан се оценуваат меѓународната улога и кредибилитетот на ЕУ, пишува Свигу. Како што претходно објави МИА најавената оставка на Зоран Заев и од премиерската функција и од позицијата претседател на СДСМ, од доцна синоќа е меѓу главните вести во Грција. ср/ац/

Остани поврзан