• сабота, 21 декември 2024

„Политико“: Шефовите на дипломатиите на ЕУ планираат бојкот на Самитот за надворешни работи на Орбан 

„Политико“: Шефовите на дипломатиите на ЕУ планираат бојкот на Самитот за надворешни работи на Орбан 

Брисел, 15 јули 2024 (МИА) – Унгарија, во својство на актуелен претседавач со ЕУ, најави дека за 28 и 29 август планира одржување на Самит за надворешни работи во Будимпешта, но во истиот период ќе биде закажано и заседание на Советот за надворешни работи на Унијата (ФАК), тврди бриселскиот портал „Политико“, повикувајќи се на дипломатски извори. 

Според порталот, со ваквиот потег за „бојкот“ на Самитот во Будимпешта, министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија сакаат „да ја омаловажат Унгарија“. 

Дипломатските извори посочуваат дека најавениот Самит е оценет како одлична можност за унгарскиот премиер Виктор Орбан „да се обиде да ја обликува надворешната политика на ЕУ“ и да му овозможи на шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто да „биде во центарот на вниманието“. 

Истите извори тврдат дека по најавата на „Самитот на Орбан“, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел решил за истиот датум да свика „формално заседание“ на Совет за надворешни работи. 

Тензиите поврзани со надворешната политика меѓу институциите на ЕУ и Орбан ескалираа по негове самопрогласени „мировни посети“ на Москва и Пекинг, без координација со лидерите на Унијата.   

Дипломатите посочуваат дека со бојкотот на Самитот во Будимпешта, шефовите на дипломатиите на ЕУ сакаат да го ограничат „тролањето на Унгарија“ и да оневозможат „уште едно пропагандно шоу на Орбан“. 

- Ако има формален Совет за надворешни работи, организиран од високиот претставник, министрите нема да можат да одат во Будимпешта, изјави за „Политико“ европски дипломат, кој побарал анонимност. 

Според друг дипломат, пак, со ваквиот потег министри за надворешни работи сакааат да „испратат јасен сигнал дека Унгарија не говори во името на ЕУ“. 

Тензиите во односите меѓу ЕУ и Унгарија имаат нагорна линија со години наназад, при што Унијата ја обвинува Будимпешта дека назадува во однос на почитувањето на демократските норми и владеењето на правото, а за возврат следеше унгарско нарушување на непреченото функционирање на блокот со блокирање на усвојувањето на одредени законски регулативи или на носењето одлуки за финансирање. 

На првиот состанок на министерско ниво организиран под унгарското претседателство во Будимпешта, посветен на индустриската политика, присуствуваа само седум министри од другите земји членки на ЕУ, а во главниот град на Унгарија не допатува ниту еден еврокомесар, иако е вообичаено на ваквите собири да учествуваат и членови на Европската комисија што го покриваат соодветниот ресор. 

Дипломатските извори тврдат дека за идејата за организирање „контра-средба на настанот на Орбан“ веќе неформално се разговарало меѓу неколку земји од ЕУ, меѓу кои и Франција и Германија, како и дека в среда Борел на заседанието на Комитетот на постојани претставници на владите на членките на ЕУ (Корепер) планира да го престави планот за одржување на заседанието на ФАК. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан