• петок, 22 ноември 2024

„Политико“: Кој од кого се плаши во ЕУ 

„Политико“: Кој од кого се плаши во ЕУ 

Брисел, 2 ноември 2024 (МИА) - Есента е морничаво време во престолнината на Европската Унија кога карактеристиките на „Ноќта на вештерките“ се пресликуваат на состојбите во блокот - „духовите“ на поранешните комесари шетаат низ Берлемон, „пајажината“ се шири над заспаните институции на ЕУ, кандидатите за новите комесари се грижат за „скелетите“ во нивните плакари пред сослушувањата во Европскиот парламент, а сите со страв гледаат кон исходот од изборите во САД. 

Во вакви состојби, како што наведува бриселскиот портал „Политико“, може да се постави прашањето: Кој од кого се плаши во ЕУ? 

Сите се плашат од Бјорн Зајберт 

Прв на листата на „страшните“ од кого стравуваат сите во Берлемон е шефот на Кабинетот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, Бјорн Зајберт. Шармот на овој германскиот бирократ не треба да залажува никого, бидејќи, како што наведува „Политико“, тој  е човекот кој создава или уништува кариери во европските институции.  

- Кога ќе ви се јави Бјорн, знаете дека тоа не е добра вест, изјави за порталот висок европски дипломат, кој побарал анонимност.

Зајберт, кој важи за советник од најголема доверба на Фон дер Лајен, е крај неа од нејзиното доаѓање од Берлин во Брисел во 2019 година и се смета за одговорен за клучните кадровски одлуки во Комисијата. 

Анонимен претставник на ЕК за „Политико“ вели дека најлошото нешто што може да се случи е ако нечие досие „отиде на 13-ти кат“ од Берлемон, каде што се наоѓа Кабинетот на Фон дер Лајен, потенцирајќи дека во таков случај „никогаш не се знае дали (досието) ќе се врати или не“. 

Фон дер Лајен е исплашена од Судот на правдата на ЕУ 

Претседателката на ЕК, Фон дер Лајен се плаши од „групата старци облечени во чудни одежди во Луксембург“, седиштето на Судот на правдата на ЕУ, каде е предметот за наводниот „недостиг на транспарентност“ при договарањата за набавки на вакцини против Ковид-19 од нејзина страна. 

Судот во јули донесе одлука со која се забранува цензурирање на делови од договорите за набавка на вакцини склучени меѓу извршното тело на ЕУ и фармацевтските компании пред тие да бидат објавени во јавноста, која Еврокомисијата ја оспори. 

Дополнително, следниот месец Судот треба да ги разгледа барањата за пристап до СМС комуникацијата на Фон дер Лајен со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла за набавка на вакцини против Ковид-19 за потребите на ЕУ. Овој случај, во кој Фон дер Лајен е осомничена за злоупотреба на својата функција, веќе го доби називот „Фајзергејт“. 

Сите се исплашени и од Доналд Трамп 

Можното враќање поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа, веќе предизвикува сериозни стравувања во ЕУ. 

Како што наведува „Политико“, на само неколку дена до изборите во САД, Брисел се подготвува за евентуалниот втор претседателски мандат на Трамп и се соочува со дилеми како одлуките на „охрабрениот републикански кандидат“ би можеле да влијаат врз Европската Унија.  

- Блокот подготвува планови за вонредни состојби, доколку Трамп ја прекине американската финансиска и воена поддршка за Украина, наведува порталот. 

Европратениците се исплашени од Оливер Вархеји 

Еврокомесарот за проширување и соседска политика и кандидат за еврокомесар за здравство во следниот мандат на ЕК, Оливер Вархеји, како што тврди „Политико“, има изградено репутација на некој кој предизвикува страв, без разлика дали станува збор за проширувањето на блокот или за намалување на финансиската поддршка за Палестинците. 

„Човекот на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Брисел“ сега би можел да биде дел од „нов хорор филм“ за време на неговото сослушување пред европратениците, кои минатата година ги нарече „идиоти“ и кои сега би можеле да му вратат и „да го изгризат“. 

Европратениците во „трејлер на можниот хорор филм“ веќе го потенцира неговото неискуство во политиката за здравствена заштита, во врска со што реагираа и некои граѓански организации фокусирани на здравјето, кои изразија негодување поради неговото номинирање да раководи со овој ресор. 

- Најстрашниот дел од оваа непознаница е што ќе се случи ако Вархеји не го помине парламентарно сослушување. Се шират гласини дека Орбан би можел како замена да предложи кандидат со уште посилни идеолошки врски со него, па дури и да го одложи процесот (на избор на ЕК) со месеци, наведува „Политико“. 

Орбан се плаши од Европската народна партија 

Унгарскиот премиер Виктор Орбан претставува кошмар за многумина лидери во ЕУ, не само затоа што блокира одлуки на шефовите на држави или влади на членките на блокот, туку и поради неговиот однос со Москва и рускиот претседател Владимир Путин. 

Но, според „Политико“, и Орбан има „свои демони“ во Брисел, а меѓу нив предводи Европската народна партија (ЕПП). 

- ЕПП во Европскиот парламент му ги отвори вратите на главниот ривал на Орбан, опозицискиот лидер Петер Маѓар. Тоа топло добредојде ги зајакна Маѓар и неговата кампања против Орбан, кој и самиот беше член на ЕПП пред да биде исклучен пред три години, додава порталот. 

Во прилог на ваквата теза во текстот се потсетува на изјавата на првиот човек на ЕПП, Манфред Вебер за време на дебатата со Орбан во Европарламентот, при која тој му порача на унгарскиот премиер дека неговата партија Фидес, всушност не е победник на Евроизборите, иако освои најмногу гласови. 

- Вие не победивте на изборите, Фидес не е победник на изборите… Ние, ЕПП победивме на изборите... Знам дека сте нервозни... Петер Маѓар ќе ве победи во Унгарија, додаде Вебер. 

Социјалдемократите се исплашени од Рафаеле Фито 

Европратениците од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) сметаат дека италијанскиот кандидат за член на ЕК, Рафаеле Фито, кој е номиниран за потпретседател за кохезија, не е соодветен предлог за оваа функција. 

Според „Политико“, ваквиот став не е поврзан лично со Фито, тука е резултат на стравот дека неговата шефица, десничарската италијанска премиерка Џорџа Мелони, би можела да го засили своето влијание во срцето на Брисел, кој досега традиционално беше раководен од ЕПП и социјалдемократите. 

Фито како потпретседател на ЕК не само што ќе биде одговорен за политиката на кохезија на ЕУ, туку и други еврокомесари ќе треба да одговараат пред него за прашања од нивниот ресор. 

Во пресрет на сослушувањата на комесарите, оценува порталот, тоа „ги крева нервите“ на социјалдемократите кои не сакаат да исчезне нивното влијание врз политиката на ЕУ. 

Евродипломатите се плашат од францускиот амбасадор 

Францускиот постојан претставник во ЕУ, Филип Леглиз-Коста е еден од најискусните амбасадори и важи за еден од највештите „политички оператори“ меѓу нив. Ваквото свое реноме тој го изгради во текот на долгите години на учеството на седниците на Комитетот на постојани претставници на владите на членки на ЕУ (Корепер), на кои земјите од блокот се обидуваат да ги премостат нивните разлики за широк опсег на политики на Унијата. 

- Леглиз-Коста не ги застапува само француските интереси, па новодојденците во Брисел знаат колку е важно да ги имаат него и неговиот германски колега Михаел Клаус на нивна страна за да се протуркаат одлуките, додава „Политико“.  

Мигрантите се исплашени од Магнус Брунер 

Австриецот Магнус Брунер, кандидатот за нов еврокомесар за миграција, ќе има задача на оние кои се обидуваат илегално да влезат во блокот да им ја пренесе пораката: Не обидувајте да дојдете во Европа или ќе завршите во „центар за депортација“, но и да ја претвори во реалност ваквата закана. 

Брунер ќе раководи со овој ресор во време кога Европската комисија планира да подготви нова регулатива со која ќе се поедностави постапката за враќање во нивните матични земји на лицата чии барања за азил ќе бидат одбиени. 

Никој не се плаши од европската омбудсманка 

„Царицата на транспарентноста и етиката на ЕУ“, европската омбудсманка Емили О’Рајли е една од ретките функционери во Унијата од која реално никој не стравува. 

Ова е затоа, според „Политико“, што народниот правобранител на ЕУ им моќ само да „удри шлаканици“ и „да искара некого“ за лошото работење, но не и да казнува. 

Инаку  О’Рајли наскоро ќе се повлече од функцијата омбудсман, што ја извршува од 2013 година. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан