• недела, 22 декември 2024

Пожарот на Беласица синоќа се приближил кон црква во селото Смоларе

Пожарот на Беласица синоќа се приближил кон црква во селото Смоларе

Струмица, 13 ноември 2024 (МИА) - Синоќа дошло до повторно разгорување на пожарот на планината Беласица во близина на село Смоларе и притоа се приближил кон црквата „Свети Петар и Павле“, информираа денеска од ТППЕ Струмица.

Додаваат дека веднаш по првите повици од жителите на селото ТППЕ Струмица испратила екипа од пожарникари-спасители, кои и покрај тешко пристапниот терен успеале да дојдат до фронталната линија на пожарот и да го спречат неговото движење во тој правец.

-Ширењето на овој пожар и покрај ниските температури е непредвидливо поради специфичноста на конфигурацијата на теренот и огромната количина на горлив материјал на тлото, висок слој на лисната маса која придонесува да се развиват доста високи температури и пожарот од приземен го развива кон крошните на дрвјата и како таков добива на интензитет, се наведува во информацијата од струмичките пожарникари.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) потврдуваат дека пожарот е локализиран, но дека се уште има внатрешно горење на одредени места.

-Во текот на вчерашниот ден интервенирале 25 лица од ЈП „Национални шуми“ Подружница „Беласица“ – Струмица, со 4 теренски возила. Екипите се повлекле од терен во текот на вечерните часови, а останале 4 лица заради контрола. Во текот на ноќта, на терен заминала и ТППЕ Струмица со 5 пожарникари и 2 против пожарни возила. Врз пожарот се уште се дејствува согласно можностите за превенција против негово ширење до негово целосно гаснење, се наведува во утринската информација од ЦУК.

Пожарот избувна на 10 ноември во подножјето на планината Беласица меѓу селата Смолари и Мокрино, Општина Ново Село. рт/мд/

Фото: принтскрин ТППЕ Струмица

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан