• петок, 22 ноември 2024

Пожарот во Карбинци ставен под контрола

Пожарот во Карбинци ставен под контрола
Штип, 21 јули 2021 (МИА) - Пожарот кај Карбинци е ставен под контрола, а на терен се уште се пожарникарите и месното население, кои не дозволуваат да се шири. Изгореа две викенд куќи, пумпна станица за вода за пиење, фотоволатична централа, шумски појаси и околу 100 хектари земјоделско земјиште, за среќа поголемиот дел од житарицата е ожнеана, е исходот од големиот пожар во општина Карбинци. Од една од викендичките евакуирани се и три лица, меѓу кои мајка на возраст од над 50 години и нејзиниот син со посебни потреби. Од куќата ги извлекле двајца полицајци и месното население, кое веднаш се вклучило во спасување и гаснење на пожарот, а со трактори не дозволиле да се прошират огнените јазици и кон околните викенд куќи. Градоначалникот на Општиан Карбинци, Јордан Насев кој беше на лице место вели материјалната штета е голема. - И покрај брзата интервенција од противпожарната единица, коишто со четири возила и дваесеттина пожарникари и месното население беше со земјоделска механизација, меѓутоа не успееја да се спротистават на силниот ветар, којшто се уште беснее и дополнително го отежнува гаснењето на овој пожар, вели Насев. МИА и претходно информираше дека пожарот почнал во 16 часот. Во првите моменти околу 50 жители од Општина Карбинци се вклучиле во гаснењето на пожарот, а дополнително бројката се зголемила. Насев посочи дека екипите на комуналното претпријатие се на терен, кај премпуните станици и смета дека нема да има проблеми со водоснабдувањето на селата. Регионалниот патен правец од селото Таринци кон селата Карбинци, Радање и кон планината Плачковица беше затворен за сообраќај, аполицијата се уште е на терен. Според Насев, засега официјално не се знае кои се причините за големиот пожар, месното население е категорично дека овој пожар не е предизвикан од стрниште, според нив пожарот почнал да се шири во близина на трафостаница на ЕВН.  вдј/цр

Остани поврзан