• понеделник, 23 декември 2024

Пожарот во Охридско ставен под контрола, се работи на целосно гасење

Пожарот во Охридско ставен под контрола, се работи на целосно гасење
Охрид, 9 август 2022 (МИА) - Ставен е под контрола пожарот што вчера попладне избувна на планината кај охридските села Вапила – Расино – Сирула и нема опасност од зафаќање на куќите, информира командирот на Територијалната противпожарна единица - Охрид, Борко Јанкулоски. Според него, охридската пожарна е на терен со три возила и 10 пожарникари, а распоредени се и екипи на Национални шуми, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и доброволци. - Пожарот е ставен под котрола. Се надевам дека во текот на денот ќе биде изгаснат. Не постои опасност од зафаќање куќи, изјави Јанкулоски. Центарот за управување со кризи соопшти дека екипите на терен се поделени во две групи со цел полесно да го локализираат пожарот, кој е на тешко пристапен терен. - Поделени се во две групи, тргнуваат едни од страна на селото Вапила, а другата група од страна селото Расино, со цел да се сретнат кон средината и да го локализираат пожарот. На другата страна на планината кај селото Сирула се распределени околу 40 лица на Национални шуми, подружница „Галичица“ и го контролираат пожарот, кој е на тешко пристапен терен, потврди ЦУК за МИА. Според Јавното претпријатие Национални шуми, зафатена е поголема површина нискостеблеста дабова шума, а направената штета дополнително ќе ја проценуваат. - Во моментот пожарот е ставен под контрола, но на терен остануваат дежурните екипи до негово целосно локализирање. Вкупната зафатена површина и направената штета дополнително ќе се проценуваат, соопшти Национални шуми. Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, информира дека од утрово на терен се и екипи од сите општински јавни претпријатија. - Дополнително на располагање е доставена и цистерната за вода од ЈП „Охридски комуналец“, додаде Пецаков. сс/цр

Остани поврзан