• сабота, 23 ноември 2024

Пожарникари од Струмица учествуваат на НАТО-вежбата во Охрид

Пожарникари од Струмица учествуваат на НАТО-вежбата во Охрид
Струмица, 22 септември 2021 (МИА) - Осум пожарникари-спасители од Територијалната професионална противпожарна единица на Струмица, припадници на УСАР-тимот (урбано пребарување и спасување), кој е во состав на Републичките сили за заштита и спасување, учествуваат на НАТО-вежбата во Охрид. Вежбата е во организација на Евроатлантскиот центар за координација на одговор при катастрофи (EADRCC ) и се одржува од 20 до 24 септември на подрачјето на Охрид и Струга. - Учеството на нашите пожарникари на оваа голема и значајна вежба е големо признание за нашата ТППЕ. Нашата обученост и стекнати вештини досега успешно ги покажавме на повеќе вежби, но и во справувањето со последиците од катастрофалниот земјотрес во Албанија и големите поплави во Србија. Очекувам од оваа вежба да стекнеме уште поголеми искуства и знаења, кои многу ќе ни значат во натамошниот период секогаш да бидеме подготвени за дејствување, изјави командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев. На вежбата станува збор за сценарио за справување со последици од катастрофален земјотрес што би го зафатил Охридско-струшкиот регион. Досега ова е најголема и најзначајна цивилна НАТО-вежба, во која учествуваат 28 земји со преку 700 учесници со различни тимови за заштита и спасување. рт/мд/

Остани поврзан