Под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ СДСМ утре организира собир на наставници
- СООПШТЕНИЕ
Скопје, 31 август 2024
Пред самиот почеток на учебната година, јасно е дека Мицкоски и Јаневска немаат концепт ниту јасен план за развој и подобрување на образованието.
Целосно го погазија ветувањето за зголемување на платите на наставниците. Секојдневно слушаме некакви изговори, а вистината е дека власта на ДПМНЕ не сака да ги зголеми платите за 12% во овој септември.
Со СДСМ наставниците секоја година, новата учебна година ја започнуваа со повисока плата.
Во септември 2022 и 2023 година, СДСМ ги покачи платите во образованието на два пати по 15 проценти. Претходно, во септември 2021 година покачувањето беше од 10 проценти, а во септември 2019 и 2020 година по 5 проценти.
Кумулативното, СДСМ ги зголеми платите во образованието за над 55 проценти.
Дојде ДПМНЕ на власт, дојде септември и сега нема пари за наставниците.
Нема квалитетно образование без инвестиција во образовниот кадар.
Но не се само платите. ДПМНЕ не сака да ја намали ниту непотребната административна работа која се бара од наставниците.
ДПМНЕ нема слух за потребата од вклученост на наставниците и стручните служби од училиштата, во процесите на донесување на реформи и образовни политики.
Просветните работници не сакаат да бидат потценети, девалвирани и уценети, пренатрупани со технички активности кои ги одвлекуваат од суштината на воспитно образовниот процес.
СДСМ е на страната на наставниците и бара од Јаневска и Мицкоски веднаш да ги променат погрешните политики во образованието.
Утре, недела, на 1 септември СДСМ, преку Комисијата за образование организира собир на наставници и просветни работници. Собирот ќе биде пред Министерството за образование и наука во Скопје со почеток во 11.30 часот.
Под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите!“ ќе побараме да се покачат платите во образованието за 12% и да им се исполнат барањата на наставниците.
Овој собир, пред почеток на училишната година е еден аларм, едно предупредување.
Тоа е собир на којшто ќе биде искажан револтот од погрешните политики во образованието од страна на владата на ДПМНЕ и Весна Јаневска.
Ги покануваме сите просветни работници, без разлика на нивните политички убедувања, да ни се придружат. Заедно да го искажеме незадоволството и да го кренеме гласот, да извршиме притисок врз власта за да ги промени погрешните политики.
Заедно, мора да ги вратиме достоинството и почитта кон наставниците.
Даниела Николова, пратеничка на СДСМ
________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки
фото СДСМ