• понеделник, 23 декември 2024

Погребан поглаварот на Кипарската православна црква, архиепископот Хрисостомос Втори

Погребан поглаварот на Кипарската православна црква, архиепископот Хрисостомос Втори
Никозија, 12 ноември 2022 (МИА) – Со најголеми државни и црковни почести, во присуство на претседателите на Кипар и Грција, на вселенскиот патријарх, на претставници на други цркви, меѓу кои и од Ватикан, но и на дипломати, денеска беше погребан поглаварот на Кипарската православна црква, архиепископот Хрисостомос Втори, кој почина во понеделникот, јави дописничката на МИА од Атина. Погребна литургија и опело служеа вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој воедно е и првпат во посета на Кипар, како и свештенството на Кипарската православна црква. Последен поздрав на архиепископот за време на погребната литургија во Светиот храм Апостол Варнава во Никозија упатија претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу, претседателот на Кипар Никос Анастасиадис, вселенскиот патријарх Ватроломеј, претставник на папата Франциск итн. Со интонирање на химната, телото на архиепископот беше испратено кон неговиот вечен дом, а посмртните останки беа пренесени во криптата во храмот Апостол Варнава, што воедно, според кипарските медиуми, сам ја подготвил и било негова желба. Поглаварот на Кипарската православна црква почина во понеделникот на 81- годишна возраст, по неколкугодишна битка со ракот. Согласно официјално медицинско соопштение од четворица лекари, „неговото Блаженство се упокои мирно, откако со храброст, трпение и христијанска издржливост се соочи со неговата болест“. Архиепископот Хрисостомос Втори 16 години беше поглавар на Кипарската православна црква откако во ноември 2006 година беше избран за архиепископ. ср/ Фото: Канцеларија за медиуми и информации на Кипар

Остани поврзан