• сабота, 23 ноември 2024

Погребан кувајтскиот емир Шеик Наваф Ал Ахмад Ал Џабер Ал Сабах

Погребан кувајтскиот емир Шеик Наваф Ал Ахмад Ал Џабер Ал Сабах

Кувајт Сити, 17 декември 2023 (МИА) - Кувајтскиот емир шеик Наваф ал Ахмад ал Џабер ал Сабах, кој почина вчера, денеска е погребан по молитвата во џамија во Кувајт, јавија британските медиуми.

Досегашниот престолонаследник и од вчера новиот емир на Кувајт, 83-годишниот шеик Мешаал ал-Ахмад ал-Џабер ал-Сабах, беше виден како лее солзи за време на молитвата, на која присуствуваа членови на владејачкото кралско семејство и претседателот на Народното собрание на Кувајт.

Тригодишното владеење на шеикот Наваф ал-Ахмад ал-Џабер ал-Сабах како емир, релативно кратко според кувајтските стандарди, беше нарушено од неговото лошо здравје, забележуваат британските меидуми. 

Неговиот претходник и полубрат шеик Сабах Ал Ахмад ал-Сабах, кој владееше 14 години, беше добро познат по своите дипломатски вештини и ја дефинираше надворешната политика на заливската држава во последните две генерации.

Шеикот Наваф ал-Ахмад ал-Џабер ал-Сабах беше погребан на гробиштата Сулајбихат, во Кувајтската провинција Ал-Асим, каде што почиваат неговите роднини. Претходно, неговиот ковчег, обвиен со кувајтското знаме, беше донесен во џамијата Билал Бин Рабах за молитва.

Високи функционери од целиот свет му оддадоа почит на шеикот Наваф ал-Ахмад ал-Џабер ал-Сабах, кој шест децении извршуваше различни владини функции, главно во областа на внатрешните работи. Покрај последната функција на емир, во неговата кариера тој беше и министер за одбрана, министер за внатрешни работи, министер за труд и заменик началник на Националната гарда. сд/

фото:ЕПА

 

Остани поврзан