• петок, 05 декември 2025

Повредени над 60 полицајци за време на антиимигрантски протести во Северна Ирска

Повредени над 60 полицајци за време на антиимигрантски протести во Северна Ирска

Белфаст, 6 јуни 2025 (МИА) – Над 60 полициски службеници се повредени во Северна Ирска за време на насилни антиимигрантски протести кои траат речиси цела седмица.

„Над 60 припадници на полицијата се повредени додека ја штитеа заедницата од нередите“, соопшти полицијата, без да го наведе точниот број на повредени. Вчера во Портадаун, западно од Белфаст, полицијата употреби водени топови за да ги разбие протестите.

Според локалните медиуми, демонстрантите фрлале молотови коктели и петарди кон полицијата.

Во градот Њутаунаби, близу Белфаст, бил нападнат хотел. Полицијата го квалификува случајот како „злосторство поттикнато од расна омраза“. Во вториот по големина град, Лондондери, бил оштетен полициски автомобил.

Нередите продолжија и изминатата ноќ во северниот град Балимина, каде судирите започнаа во понеделник навечер по апсењето на две 14-годишни момчиња обвинети за обид за силување на девојче. Осомничените се појавиле пред суд во понеделник, а обвиненијата им биле прочитани со помош на преведувач од романски јазик.

Полицијата сè уште не ја потврдила националноста на момчињата, кои остануваат во притвор. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан