• понеделник, 23 декември 2024

Повеќе од 11 илјади тркачи ќе учествуваат на Виз Ер Скопски маратон 2023

Повеќе од 11 илјади тркачи ќе учествуваат на Виз Ер Скопски маратон 2023

Скопје, 28 септември 2023 (МИА) – Преку 11.000 натпреварувачи од 53 земји ќе учествуваат в недела (1 октомври) на 19. издание на Виз Ер Скопски маратон, информира Кире Синадиновски, спортскиот директор на трката.

 

- Бројките нѐ изненадија, не очекувавме волкав интерес со оглед на околу осумте илјади од минатата година. Далеку сме од рекордните 12.500 пред четири години, но сепак бројот на учесници е огромен, додаде Синадиновски.

 

Од македонските натпреварувачи, најмногу се очекува од Дарио Ивановски кој има амбиции да се пласира на Олимпијадата во Париз следната година.

 

- Можам да кажам дека сум во врвна форма. Верувам дека можам да постигнам нов државен рекорд и дека ќе го истрчам најдобриот резултат за да се пласирам на Олимписките игри во Париз. Благодарност до моите спонзори и МОК кои ми помагаат да ги постигнам моите цели. Во 2021 победив, но тогаш реално немаше голема конкуренција. Овој пат сакам да победам на Скопскиот маратон иако ќе има натпреварувачи од Кенија. Верувам дека ако истрчам личен рекорд или барем блиску до тоа време, имам шанса за победа, рече Ивановски на денешната прес-конференција.

Најдобриот македонски маратонец ги повика скопјани да излезат на улиците низ главниот град и да им дадат поддршка на сите тркачи.

 

Учесниците на Виз Ер Скопски маратон, стартните пакети ќе можат да ги подигнат утре и в сабота од 10 до 20 часот во СЦ „Јане Сандански“.

 

Покрај маратон, в недела ќе се трчаат и полумаратон, штафетен маратон и трката на 5 км. зс/

 

Фото: МИА

Остани поврзан